• вторник, 24 декември 2024

Дејан Чиплаковски назначен за командант на Првата пешадиска бригада

Дејан Чиплаковски назначен за командант на Првата пешадиска бригада

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска се одржа воена свеченост по повод приемот на должноста командант на Првата пешадиска бригада од составот на Командата за операции. Со укази на претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска Давкова во чин бригаден генерал е унапреден полковник Дејан Чиплаковски и поставен за командант на Првата пешадиска бригада.

- Бригадниот генерал Дејан Чиплаковски претходно ја извршуваше должноста началник на Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции во Командата за обука и доктрини, а во текот на неговата воена кариера извршувал повеќе командирски и штабни должности, информираа од Министерството за одбрана.

На свеченоста се обратиле началникот на штабот во Командата за операции (КО), бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и новопоставениот командант на Првата пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски.

- Да се биде командант на единицата која претставува гордост на Армијата и која е распространета низ целата територија на државата е повеќе од предизвик. Тоа значи да чекориш смело соочувајќи се со вистински предизвици, да решаваш сериозни проблеми, да менаџираш со многу процеси, да обезбедиш непрекинато функционирање на системот за командување и контрола, но пред сè да се грижиш за високиот степен на борбена готовност, истакнал Ѓоргоски пред присутните.

Честитајќи му ја должноста на новиот командант на Бригадата, генералот Ѓоргоски му порачал да продолжи да ја води Бригадата кон нови високи дострели, како што тоа го правеле сите негови претходници, применувајќи ги знаењата, вештините и стекнатото искуство притоа земајќи ја предвид ја мотивираноста на луѓето, кои се најголемиот капитал не само на бригадата, туку и на Армијата во целина.

Бригадниот генерал Чиплаковски изразил благодарност до државното и военото раководство, како и до сите поранешни и сегашни претпоставени кои со своето знаење, искуство, поддршка и менторство го воделе низ војничката кариера. Потенцирал дека активно ќе работи согласно Уставот и законите и ќе даде максимален придонес во зачувување на слободата и сувереноста на државата.

На свеченоста, покрај началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и заменик-министерката за одбрана Елфете Исмаили, присуствувале и началникот на штаб, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, активни и пензионирани генерали на Армијата, претставници од воено-дипломатскиот кор и поранешни команданти на единицата. дма/бак/

Фото: ГШ на Армијата

 

Остани поврзан