Привршува и ќе почне изградбата на повеќе патни правци во општина Старо Нагоричане
- Привршува изградбата на еден од патните правци во општина Старо Нагоричане кои се градат со средства одобрени од Владата на претходниот повик од 2024, соопштија денеска од општината. На сегашниот повик, општината аплицираше со три проекти.

Куманово, 10 јуни 2025 (МИА) - Привршува изградбата на еден од патните правци во општина Старо Нагоричане кои се градат со средства одобрени од Владата на претходниот повик од 2024, соопштија денеска од општината. На сегашниот повик, општината аплицираше со три проекти.
- На претходниот повик добивме околу девет милиони денари. Патен правец во маало Пиленац во село Младо Нагоричане. Овој пат е пробиен, тампониран и се чека на асфалтирање. За вториот патен правец кон манастирот Забел чекаме да заврши периодот за жалбена постапка, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.
На годинешниов повик, општината аплицираше со три проекти.
-Имаме малку повеќе средства, околу 470.000 илјади евра и чекаме на одговор, додава Цветановски.
Старо Нагоричане доби и три проекти преку Светска Банка во висина од околу 400.000 евра. Станува збор за три патни правци, се чека на избор на фирми за реализација на градежните активности. Преку Светска Банка ќе се гради патот кон Аљинци во Младо Нагоричане, патниот правец од ветеринарната станица кон Младо Нагоричане кој е важен бидејќи тука со училиштен превоз се носат ученици кон основното училиште и безбедноста е загрозена, бидејќи поминуваат низ магистралата. Третиот е изградба на дел од патот кон Стрновац од 650 метри каде се наоѓа бањата која е дадена под концесија.
-Како општина имаме обврска да ги контактираме сопствениците на парцелите низ чија сопственост поминуваат патиштата за да можат да бидат обесштетени, изјави Цветановси.
Општината распиша тендер за набавка на тампон околу 1.700 тони со кој ќе се санираат оштетувањата во текот на летово.
-Иако, имаме мал број жители, површината е огромна имаме тешкотии со само една машина да интервенираме. Планираме и да го реалзираме и проектот за централниот водовод во Младо Нагоричане подготвен уште во 2009 година. Сега сме во фаза на испитување на издржливост на капацитетите, изјави Цветановски.
Општината очекува и возило кое е набавено преку центарот за развој на североисточниот плански регион кое ќе се користи за изнесување на смет. Завршена е изградбата на објект непосредно до плоштадот во Старо Нагоричане кој ќе биде издаден за угостителска дејност на барање на туристите кои секојдневно ја посетуваат руралната општина. Според податоците од последниот попис во Старо Нагоричане има 3.051 жител во 39 населени места. Општината, сместена во североисточниот дел од земјава, иако мала по број на жители е една од најпривлечните за странските туристи, бидејќи светски е позната по археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири, природни реткости и раритети. ам/aa/
Фото: МИА