• понеделник, 23 декември 2024

Претставени можности за раст и развој на фирмите кај нас со „Lean six sigma“

Претставени можности за раст и развој на фирмите кај нас со „Lean six sigma“

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Во Скопје денеска се одржува конференција на тема „Паметно учење за зголемена продуктивност: Патот на „Lean six sigma““. Организатор е „Smart learning factory - Skopje“(СЛФС), во соработка со активноста на УСАИД, „Партнерства за економски раст“.

Раководителот на СЛФС и редовен професор на Машинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Бојан Јовановски истакна дека фокусот на оваа конференција е во продуктивноста, пред се на луѓето, но, исто така и на процесите, на машините и на сите елементи што се состојат во една компанија.

- Идејата е, покрај тоа што имаше многу фокуси изминативе години, да речеме, еден од главните беше енергетската ефикасност и поставување мерки како таа да се подобри на ниво на држава, видовме дека има доста позитивни реакции во тоа, сметаме дека можеби е крајно време сега, фокусот можеби малку да се префрли кон продуктивноста на луѓето. Ова го кажуваме и од аспект на тоа дека дури и во Македонија, почнува да се чувствува недостиг на работна сила и со тоа, се намалува продуктивноста во самите компании. Затоа оваа конференција ги претставува алатките и методите што можат да ја подобрат продуктивноста во компаниите, појасни Јовановски во изјава за медиуми.

Тој нагласи дека младите, особено на Машински факултет, допираат дел од оваа проблематика.

- Затоа што, оваа проблематика не е толку едноставна, зборуваме за „Lean six sigma“. Но, тие се во допир со многу од алатките што ги користиме ние при имплементирањето на „Lean six sigma“ - проектите. Некои од нив и беа вклучени во некои од проектите и помагаа во фирмите во имплементирањето на таквите проекти, подвлече професорот.

Директорот на активноста на УСАИД, Партнерства за економски раст, Дејан Јаневски, исто така, изрази задоволство од настанот. Тој, меѓу другото, кажа и дека УСАИД секогаш настојувал да поддржи теми што се нови.

- Но, оваа тема на што денеска ќе зборуваме, за што ќе делиме сертификати, не е нова и требаше одамна да го имаме овој настан, смета Јаневски.

СЛФС, како прва паметна фабрика за учење кај нас, беше нагласено, е формирана на Машинскиот факултет во Скопје. На денешната конференција ги промовира првите 35 кандидати кои успешно го поминале првиот циклус обуки за „Lean six sigma“. На конференцијата, приватниот и јавниот сектор може да се информираат за целта и активностите на оваа паметна фабрика, можностите за зголемување на продуктивноста во производството, придобивките од обуките и спроведувањето на „Lean six sigma“.

На првиот циклус обуки, од октомври 2023 до мај годинава, над 40 учесници се стекнале со теоретско и практично знаење во високо опремена лабораторија, наменета за проширување на знаењата во областите на Lean и Индустрија 4.0. По завршувањето на обуките, под менторство на обучувачите, 35 кандидати изработиле и спровеле проекти во нивните компании. Успешните проекти со што компаниите ги подобриле нивните производствени процеси, се претставуваат денеска на конференцијата во главниот град на државава.

Во рамки на настанот, предвидено е обраќање и на директорката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан