• сабота, 21 декември 2024

Премиерот Мицкоски ќе има излагање во Стопанската комора на Германија

Премиерот Мицкоски ќе има излагање во Стопанската комора на Германија

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски  во рамки на работната посета на Берлин и учеството на Берлинскиот процес, денеска ќе има излагање во Стопанската комора на Германија (OA-Ost-Ausschuss der Deutschen Wirtschaft).

Како што информира владината прес-служба, премиерот ќе ги презентира економските планови и плановите за инвестиции во енергетиката и инфраструктурата и можностите за соработка и инвестиции на германските компании кои веќе се присутни на македонскиот пазар.

Премиерот во Берлин ја предводи владината делегација во која се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија, за внатрешни работи и за европски прашања, Тимчо Муцунски, Панче Тошковски и Орхан Муртезани.

Од владината прес-служба соопштуваат дека министерот Муцунски ќе оствари средба со Аналена Бербок, сојузен министер за надворешни работи при што ќе одржат и заедничка изјава за медиуми.

-Воедно ќе се оствари средба и со претставници од раководството на германската фондација „Конрад Аденауер Штифтун“, се наведува во соопштението.

Ова е втор ден од посетата на Германија откако вчера премиерот Мицкоски оствари повеќе средби со премиери на влади и политички лидери вклучени во Берлинскиот процес.

Мицкоски вчера оствари средба и со германскиот канцелар Олаф Шолц по која изјави дека е потврдена германската поддршка за европските интеграции на државата. хс/аа/

Фото: ФБ Мицкоски 

Остани поврзан