• сабота, 23 ноември 2024

Презентирани резултатите од проектот на Европравда за кривична правда во Западен Балкан

Презентирани резултатите од проектот на Европравда за кривична правда во Западен Балкан

Скопје, 19 март 2024 (МИА) -  Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска се обрати на промоцијата на Проектот за кривична правда во Западен Балкан, преку кој Европравда овозможува оперативна поддршка за прекуграничната соработка на земјите во регионот, при истражувањето на кривични дела, соопшти Јавното обвинителство.

- Сторителите на кривични дела лесно ги прошируваат и префрлаат своите дејствија од една во друга држава со што се обидуваат да го избегнат кривичниот прогон. Наша обврска како истражни органи е да им застанеме на патот, а најефикасно оружје за таа цел е нашата меѓусебна соработка. Јавното обвинителство мора да ги негува и дополнително да ги развива можностите за директна соработка со обвинителствата од другите земји, особено со оние од регионот, потенцирал Коцевски.

Тој ги истакнал предностите на овој проект преку кој се поддржуваат заедничките дејствија и размената на информации на стратешко и оперативно ниво.

Проектот, како што се додава во соопштението, има специфична цел да ја зголеми способноста на земјите од Западниот Балкан да ги користат модерните алатки за меѓународна правна помош, при истражувањето и гонењето на сите облици на тежок и организиран прекуграничен криминал.

Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази рекол дека со поддршка на овој проект на Европравда, веќе имаме склучено неколку заеднички истражни тимови со земји од регионот.

- Резултатите се одлични, а ние сме поефикасни и поуспешни во работата, нагласил тој.

Според јавната обвинителка за врски со Европравда, Ленче Ристоска, освен поголема ефикасност на постапките, овој проект овозможува и јакнење на довербата меѓу институциите во регионот.

- Повеќе се доближуваме и соработуваме, а тоа има позитивен ефект врз нашиот пристап при справувањето со криминалот, смета Ристоска.

Претставничката на делегација на ЕУ во земјава, Мари - Маделен Канелопулу оценила дека организираниот криминал претставува сериозна закана за Западниот Балкан преку мрежи што се активни во целиот регион.

- Затоа на правосудните институции, а особено на јавните обвинителства во регионот, мора да им се овозможат соодветни ресурси за справување со овие облици на криминал, додала таа.

Од самото иницирање на овој проект, како што пишува во соопштението, пред околу 18 месеци, неговата вредност и значење за балканските земји постојано расте.

- Претходно Европравда овозможуваше оперативна поддршка наменета за олеснување на правосудната соработка единствено за земјите-членки на Европската Унија. Со овој проект, нашиот регион доби можност иста таква поддршка да користи и при меѓусебната соработка. Со поддршка од Европравда, како дел од активностите на овој проект, македонското Јавно обвинителство досега склучи договори за формирање на четири заеднички истражни тимови со соодветни органи од други земји во регионот. Проектот финансиски ја поддржува работата на случаите, состаноците на тимовите, но и учеството на јавни обвинители на настани и конференции во рамките на Европравда, се наведува во соопштението на Обвинителството. бд/дма/

Фото: ЈОРСМ

Остани поврзан