• вторник, 24 декември 2024

Презентација на Функционалната анализа на основните судови

Презентација на Функционалната анализа на основните судови
Скопје, 18 ноември 2021 (МИА) - Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИ), денеска ќе ја презентира Функционалната анализа на основните судови и Планот за подобрување на работата и условите во основните судови во Република Северна Македонија. - Функционалната анализа ја опфаќа во целост работата на основните судови преку клучните области за правосудството, односно степенот на независност и непристрасност, ефикасност, транспарентност и отчетност во работењето и квалитет на судската правда, а беа анализирани и аспектите кои се неопходни во секојдневното работење на основните судови односно човечките капацитети, специјализацијата и унапредувањето, достапноста на информатичка технологија и опрема, просторните услови за работа и пристап до судот, како и финансирањето на судството во целост, велат од Центарот за правни истражувања и анализи. На настанот е најавено обраќање на министерот за правда Бојан Маричиќ и на повеќе судии и универзитетски професори. - Општиот заклучок за работата на основните судови е дека постојат определени системски недостатоци и слабости во функционирањето на целокупната судска власт, екипираност на стручен судски кадар и достапни технички и финансиски средства. Но, и покрај тоа може да се констатира дека основните судови максимално ги користат расположливите капацитети за обезбедување на минимум услови за функционалност на судот, додаваат од ЦПИ. Анализата е еден од главните резултати на проектот „Вградување на аналитички и мониторинг алатки за поддршка на реформите во правосудството на Република Северна Македонија“, поддржан од Британската амбасада во Скопје. Свој говор на настанот ќе има и министерот за правда Бојан Маричиќ, вклучително и судии и универзитетски професори. оџ/сп/

Остани поврзан