• среда, 27 ноември 2024

Пред истекот на рокот „Тиквеш“ ги исплати средствата за откупеното грозје на лозарите

Пред истекот на рокот „Тиквеш“ ги исплати средствата за откупеното грозје на лозарите

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Винарската визба „Тиквеш“ и оваа година заврши со исплатата на откупеното грозје од последната берба пред законски утврдениот рок кој истекува на крајот на април.

Како што информираат од „Тиквеш“, од индивидуалните производители и правни лица со кои соработуваат откупени се 32,2 милиони килограми грозје, што претставува една третина од целокупните откупени количини во нашата земја. Исплатата на средствата за откупеното грозје винарницата ја почна веднаш по завршување на бербата и согласно со законот се одвиваше во три последователни транши.

- Предвремената и редовна исплата на откупеното грозје е уште еден показател за партнерскиот однос на „Тиквеш“ кон лозарите, што е наша трајна, стратешка определба. На ваков начин меѓу другото на нашите партнери - лозарите им овозможуваме навремено и квалитетно да ги подготват лозјата за следната реколта, што е од клучно значење за производство на грозје и вино со висок квалитет, што е императив за натамошниот развој на „Тиквеш“, а преку тоа и на сите негови партнери, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“ Радош Вукиќевиќ.

За да се осигура квалитетното производство на грозје, „Тиквеш“ ги подржува лозарите во текот на целата година. Континуираната соработка на винарницата со лозарите се остварува на различни начини, почнувајќи од стручни совети и едукација за примена на современи агро-технички методи и практики во процесот на одгледување и заштита на лозјата според светски стандарди, преку помош при обезбедување на репроматеријали по поволни цени, па сѐ до обезбедување флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во пократки рокови од законските.

За оние лозаро-производители кои ги почитуваат насоките и стандардите за одгледување на грозјето, кои се гаранција за висок квалитет неопходен за производство на премиум вино, „Тиквеш“ нуди долгорочни договори за соработка, го гарантира откупот и обезбедува стимулативни бонуси при исплатата на ваквото грозје. мд/дма/

Фото: ВВ „Тиквеш“ 

Остани поврзан