• среда, 27 ноември 2024

Преговори во Доха: Израел инсистира на ослободување на заложници како прв чекор

Преговори во Доха: Израел инсистира на ослободување на заложници како прв чекор

Доха, 15 август 2024 (МИА) - На почетокот на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, кои се одржуваат во главниот град на Катар, Доха, Израел побара да бидат ослободени 33 живи заложници, кои ги држи палестинската исламистичка групација Хама“, пренесе ДПА повикувајќи се на израелски претставници во преговорите, цитирани од израелскиот весник „Једиот ахронот“.

Израелските преговарачи доставиле список со имињата на луѓето кои треба да бидат ослободени, како услов за постигнување договор, пишува израелското издание. - Израел не сака да се најде во ситуација каде што Хамас ќе му предаде претежно тела, изјавиле израелските претставници во преговорите.

Повеќето од триесет и тројцата заложници во списокот се жени, деца, постари лица и болни луѓе, како и жени-војници.

Според израелските податоци, Хамас сѐ уште држи 115 заложници, од кои 41 се објавени за мртви. Судбината на другите заложници е непозната, но се претпоставува дека и тие се мртви.

Пред три месеци, Хамас ги информираше преговарачите дека меѓу 33-те заробеници кои може да бидат ослободени како прв чекор, има и мртви, според објави во американските медиуми.

Хамас, од своја страна, уште пред неколку дена објави дека нема да преговара за нови услови за прекин на огнот или ослободување на заложниците.

Групата инсистира преговорите, кои денеска започнаа во Катар, да се фокусираат само на планот претставен порано од американскиот претседател Џо Бајден.

Во меѓувреме, палестинското министерство за здравство денеска соопшти дека бројот на убиените Палестинци од почетокот на воената операција во Појасот Газа веќе надминал 40 илјади.

Во израелската офанзива се ранети 92.401 луѓе, а 85 отсто од населението е раселено од своите домови, се вели во соопштението на министерството, кое не прецизира колку од жртвите и повредените се борци на Хамас и колку се цивилни граѓани. ссм/

фото: архива

Остани поврзан