• среда, 27 ноември 2024

Прв фестивал на чалгиска музика се одржа во Ваташа

Прв фестивал на чалгиска музика се одржа во Ваташа

Кавадарци, 13 јули 2023 (МИА) – Прв фестивал на чалгиска музика со учество на повеќе чалгиски групи се одржа синоќа во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа. Настанот беше дел од манифестацијата „Кавадаречко лето“ што ја организира Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, со поддршка на кавадаречката локална самоуправа.

- Идејата одамна беше во мојата мечта, за одржување на чалгиски фестивал токму во Ваташа, која низ годините, претставува лулка на културата и Револуцијата. Еве сега се реализира оваа моја идеја. Ваташките чалгии проникнаа од тој револуционерен културен дух на смелите ваташани и сет тој револуционерен дух го надградија на крај со едни прекрасни песни, што ги негуваа и имаа пред сè патриотска родољубива тематика во нивниот израз, но секако и лирската тематика не беше запоставена низ годините, рече доктор Петре Пењушков, негувател на ваташката традиција и култура, организатор на фестивалот.

Тој додаде дека со доаѓањето на новите трендови во музиката со електронските засилувачи на звук, полека замреле чалгиите.

- Размислував низ годините како да го доближиме до младите сето тоа што се подзаборава, како да се пренесе порака до нив за тоа што некогаш ни беше традиција за прослави, па еве го фестивалот што верувам дека ќе стане традиција, нагласи Пењушков.

Настапија чалгиите при МРТВ, чалгиите „Мерак“, чалгија „Sound system“, ваташката чалгија под водство на Димо Дулот. Специјални гости беа Стефче Стојковски на гајда и професор доктор Ристо Солунчев, експерт за чалгиска музика. Фестивалот се затвори со филмот „Кеиф“ за македонската чалгиска традиција. свд/ир

Фото: МИА

Остани поврзан