Првиот амбасадор на Авганистан назначен од талибанците пристигна во Москва
- Во Москва денеска пристигна новиот авганистански амбасадор Гул Хасан – прв откако талибанците повторно дојдоа на власт во Авганистан во 2021 година. Потегот се толкува како натамошно затоплување на односите меѓу Русија и талибанската власт во Кабул.
Москва, 1 јули 2025 (МИА) - Во Москва денеска пристигна новиот авганистански амбасадор Гул Хасан – прв откако талибанците повторно дојдоа на власт во Авганистан во 2021 година. Потегот се толкува како натамошно затоплување на односите меѓу Русија и талибанската власт во Кабул.
Според руските медиуми, амбасадорот наскоро ќе ја започне својата официјална дипломатска мисија.
Претходниот амбасадор Саид Тајеб Џавад беше назначен од претходната, прозападна влада и ја напушти функцијата во април 2022 година. Потоа функцијата ја презеде вршител на должност именуван од талибанците.
Во април оваа година, руското Министерство за надворешни работи официјално дозволи назначување амбасадор од страна на талибанците, по одлуката на рускиот Врховен суд да го отстрани талибанското движење од листата на терористички организации – потег со силна симболика.
Иако ниту една земја формално не го признала талибанскиот режим, Русија постепено нормализира дипломатски и економски врски со Кабул, при што потенцира заеднички интереси, особено во борбата против тероризмот.
Авганистан и понатаму е под остри критики поради тешката состојба со човековите права, особено положбата на жените. Сепак, Русија, Пакистан, Кина, Иран и повеќето централноазиски земји одржуваат де факто дипломатски контакти со талибанските власти. ссм/
фото: архива