• петок, 08 ноември 2024

Правда за Мануел побара Ромалитико со протест пред Основниот кривичен суд

Правда за Мануел побара Ромалитико со протест пред Основниот кривичен суд

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Протест за правда за Мануел, детето кое беше прегазено на 12 октомври на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, се одржа денеска, со марш од пред теќето во Топаана до Основниот кривичен суд.

Казната затвор за 21 - годишниот Шукри Зеќири, возачот кој го прегази детето, да биде зголемена и да се земат околностите според кои е сторено кривичното дело, пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во случаи кога жртвата е припадничка на ромската нација и  активно учество на ромската заедница во судската власт, се барањата изнесени на протестот.

Извршниот директор на Ромалитико, Елвис Шаќири, истакна дека денеска повторно излегуваат на улица со цел, како што рече, да го искажат незадоволството од пресудите кои ги носи Судот во однос на припадниците на ромската заедница.

 - Денеска не знам веќе по кој пат излегуваме на улица за да го искажеме нашето незадоволство во однос на пресудите коишто Судот ги носи посебно кога во вакви случаи жртви се припадници на ромската заедница. Ние, заедно со семејството на починатото дете, сме тука да го изразиме нашето незадоволство во однос на пресудата. Очекуваме повисока пресуда, особено затоа што лицето кое го прегази момчето не застана за да укаже помош. Очекуваме дека оваа пресуда ќе се коригира и ќе се пресуди максимална казна, нагласи Шаќири.

Тој појасни дека имаат неколку барања до Судот меѓу кои е и барањето да се преиспитаат сите пресуди поврзани со Ромите, затоа што, како што рече, ова е само еден случај од многуте за кои што имаат протестирано.

 - Ние и претходно протестиравме за случаи во коишто имаше полициска блокажа спрема припадници на ромската заедница, каде што полициски службеници добиваат условни пресуди. Имаме неколку барања вклучително и реформи во судството во кои бараме да бидат вклучени припадници на ромската заедница за да ја рефлектираат состојбата во која се наоѓаме, изјави Шаќири.

Таткото на Мануел, Себастиан Асановски, изјави дека не е задоволен од казната што ја доби сторителот на делото и како што рече, праведно да се суди.

 - Очекувам да има друга пресуда после протестот, мислам дека законот нашето барање ќе го земе во предвид и ќе ја промени казната, нагласи тој.

Судијката Марија Клетничка од Основниот кривичен суд Скопје, на 15 ноември, одреди единствена казна затвор од две години и три месеци за 21-годишниот Шукри Зеќири од Скопје, кој на 12 октомври на булеварот „Никола Карев“, на делот познат како „Пластичарска“ во Скопје удри десетгодишно дете кое од ударот почина на самото место, а тој избега. Основното јавно обвинителство Скопје во изјава за МИА истакна дека ќе вложи жалба до Апелацискиот суд за висината на казната на сторителот на делото. сан/лв/

 

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан