• среда, 27 ноември 2024

Силјановска Давкова: Поддржувам било каква соработка со соседите

Силјановска Давкова: Поддржувам било каква соработка со соседите

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Чудни феномени се случуваат на Балканот. Оние кои беа најгласни за Отворен Балкан сега велат дека ќе излезат, а ним им се придружуваат и други. Кога е во прашање Отворен Балкан уште тогаш имав дилеми дали е тоа некоја друга концепција или не, бидејќи веќе беше започнат Берлинскиот процес.

Ова го посочи Гордана Силјановска Давкова, кандидатот за претседател на државата поддржан од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во одговор на новинарското прашање дали ја поддржува иницијативата Отворен Балкан, дадено во изјавата по искористувањето на своето право на глас на претседателските избори во избирачкото место 2866 во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје, и додаде дека поддржува било каква соработка со соседите.

-Јас не ги менувам ставовите. Сум рекла дека е крајно време ако хомобалканикус сака да покаже дека е хомополитикус прво да гради консензус, поддршка на регионално ниво за да не ни се случува она што е непознато – секаде соседите ги поддржуваат кандидатите, кај нас посегаат по вето. Тврдам дека тоа што нам ни се случува, никогаш не треба да го направиме на нашите соседи, напротив треба да ги поддржуваме и во таа смисла поддржувам било каква соработка, изјави Силјановска Давкова.

Порача дека кога градиме регионални асоцијации тука треба да влезат не само кандидатите и кандидатите за кандидати, туку и членките на ЕУ од регионот и дека тоа треба да го согледа и Европската Унија.

-Не може Балкан да се сведи на две или три држави, ниту на четири држави. Мислам дека треба да се брани Членот 8 кој постои во Лисабонскиот договор, кој вели дека ЕУ ќе стимулира договори со кандидатите со соседите врз реципрочна основа и мораме  да внимаваме на моментот. Некои работи се логични, меѓутоа треба да се оцени кога тоа треба да се реализираат. Ако ние велиме дека сме на праг пред помирување, тогаш треба да ги мериме чекорите, да ги мериме зборовите затоа што последиците можат да бидат не помирување, туку нешто друго. Затоа најавив дека моите први посети нема да бидат во некои моќни држави, туку во соседството, рече Силјановска Давкова.

За Западен Балкан рече дека е измислена геополитичка синтагма.

-Се работи само за геополитика или земји кои се на маргините или на периферијата на периферијата и за кои понекогаш се предлагаат некои чудни „оригинални решенија“, а од друга страна ве викаат во стандардно друштво. Треба да сториме се ние кои останавме на тој Западен Балкан да се помириме, да се поддржиме, да изградиме заедничка стратегија оти така поддржувајќи  еден – друг нема да оставаме простор за чудни преседани. Овој преседан со Македонија ќе роди нов преседан, а тој нов. Тогаш кога не сте стандардни, а јас велам дури и досадни држави не можете да влезете во тоа друштво таму. Значи владеење на право, копенхагеншки критериуми, надвор  од рамките идентитетски и културни прашања, тоа го забрануваат и клучните акти на ЕУ. Во спротивно ние повторно ќе бидеме егзотични земји кои ќе чекаат, чекаат, се плашам да не го чекаат Годо, порача Силјановска Давкова. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан