• понеделник, 23 декември 2024

По повод Голема Богородица сеноќно бдение, со Света архијерејска литургија во Бигорски

По повод Голема Богородица сеноќно бдение, со Света архијерејска литургија во Бигорски

Дебар, 26 август 2024 (МИА) – По повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, во народот позната како Голема Богородица, во Бигорскиот манастир ќе се одржи сеноќно бдение, со Света архијерејска литургија.

- Возљубени поклоници на Царицата Небесна, ве известуваме дека на денот кога ја славиме „летната Пасха“, односно сечесното Успение и Преселување на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во Свештената бигорска Обител ќе се одржи сеноќно бдение, коешто ќе започне утре, 27 август, во 21 часот, стои во соопштението на Бигорскиот манастир.

Се додава дека во текот на богослужението, пред Богородичната плаштаница во цветниот епитаф, ќе се испеат Богородичните статии.

- Бдението ќе заврши со Божествена Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува игуменот на Обителта, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. Благослов да присуствуваат на бдението имаат сите кои молитвено сакаат да го прослават великиот празник на Мајката Божја, се наведува во објавата.

По традиција се очекува големо присуство на верници од многу градови во земјава. вт/ир

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан