• сабота, 23 ноември 2024

По повод „Велигден“, благослов од владиката Партениј за правословните семејства во Дебарско

По повод „Велигден“, благослов од владиката Партениј за правословните семејства во Дебарско

Дебар, 4 мај 2024 (МИА) - Во предвечерието на Празникот над празниците, Христовото воскресение-Велигден што со посебна радост го очекуваат верниците во светот, за верниците од поширокиот дебарски регион, беше надополнета со благословот на епископот Антаниски г. Партениј.

Благословот - корпа со црвени велигденски јајца, милиброд и паскална порака беше поделен по домовите на православните верници во Дебар и долнореканските села, Велебрдо, Битуше, Ростуше.

Сузана Јосифовска за МИА вели благословот од почитуваниот отец Партениј им носи неизмерна радост.

-Му благодариме за оваа чест, како и за сите заложби што ги прави заедно со бигорското братство и сестринството во Рајчица, за православието во овој крај, рече Јосифовска.  

Радоста е присутна кај сите верници, кои од срце му се благодарни на владиката Партениј, вели Дафина Данилоска од Велебрдо.

-За првпат оваа година Велигденската радост ни дојде порано во семејствата. Владиката Партениј никогаш не не заборава нас од крајот, туку се грижи за нас и нашите деца и секогаш не удостојува со посебно внимание. Му благодариме бескрајно. Господ нека му даде уште многу години здравје за да ни биде поткрепа на сите тука. Тој е нашата надеж, вели Данилоска.

Инаку, познатото македонско светилиште Бигорскиот манастир, е подготвен за достојно одбележување на Христовото воскресение, кое како и со векови наназад, во сабота на полноќ ќе го означи екот на камбаните испреплетен со шумолењето на Бистра и жуборењето на Радика, во присуство на неколку илјади верници. вт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан