• вторник, 24 декември 2024

По најавите на Муареми за кривична пријава против Русковска, шефицата на ОЈО ГОКК со апел да се расчисти кој во државата се бори против криминалот

По најавите на Муареми за кривична пријава против Русковска, шефицата на ОЈО ГОКК со апел да се расчисти кој во државата се бори против криминалот
Скопје, 5 август 2022 (МИА) - Откако директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во средата најави дека до крајот на неделата ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска ги повикува сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави“. Русковска во реакцијата наведе дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на Обвинителството, што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство. - Доколку Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина. Сакам да прашам како тоа се напаѓаат клучните обвинители, кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери, вели Русковска. Таа смета дека токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК, меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ, треба сериозно да преземат мерки затоа што „ова најмалку доликува на земја членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив“. - Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за да обвинители замижуваат пред било кој криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, нагласува Русковска. Таа воедно побара и европската обвинителка Лаура Ковеши доколку е во можност да дојде и ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК, откако е таа на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот за Муареми. На повикот на Русковска реагираше директорот на Управата за финансиска полиција, Муареми кој побара од неа доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против него, а не да изнесува „празни и неосновани сознанија и информации, дискредитиријаќи ја во целост функцијата која ја извршува“. - Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за „помош“ - нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има, вели Муареми во реакцијата. На повикот на Русковска реагираше и Здружението на јавните обвинители, кое изрази зачуденост од нејзината постапка, оценувајќи дека со тоа таа го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители. - Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност, подвлекуваат од Здружението. Амбасадата на САД во одговор до телевизија Телма во врска со барањето на јавната обвинителка Русковска, се посочува дека тие се вложени во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржуваат напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. - Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат, се наведува во одговорот на Амбасадата на САД. Директорот на Управата за финансиска полиција, Муареми во средата на брифинг со новинарите најави поднесување кривична пријава против обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифовска за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“, појаснувајќи дека претставки до јавниот обвинител, до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет поднел поради начинот и незаконитоста во постапувањето на ОЈО ГОКК. - ОЈО ГОКК до Судот доставува лажни и невистинити податоци, само за да ја добие наредбата за претрес. Тоа претставува измама и фалсификување на исправа. Наредбата за претрес опфаќа основано сомнение и дека сум сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Вилма Русковска без да има ниту еден доказ, без да обезбеди ниту еден доказ, до Судот, а и во јавноста ме обвинува дека сум сторил кривично дело, изјави Муареми. Според него, ОЈО ГОКК во барањето до Судот навело дека сторил кривично дело и оти располага со докази за основано сомнение дека го сторил тоа кривично дело, а на денот на претресот заедно со наредбата за претрес му било врачено и барање за доставување податоци за тоа колку анонимни пријави се доставени до управата почнувајќи од 2018 година до денот на давањето на одговорот. - Доставување на барање за податоци и наредба за претрес, во исто време и за истата работа е нејасно и нелогично и нема никаква поента. Или ќе направите претрес и ќе ги земете или ќе го оставите барањето и во рокот што сте ни го дале ќе ви ги доставиме бараните податоци, додаде Муареми. Според него, претресот во Финансиската полиција бил исклучиво и со цел да му се наруши личниот углед, угледот на Управата и да се попречи неговото работење. - Претресите беа тенденциозни и со единствена цел – да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција, да се доведат во прашање сите сегашни, а и идни постапки и предмети кои ги води Управата, смета Муареми. сп/ац/

Остани поврзан