По застојот во преговорите за примирје во Газа, делегација на Хамас разговара со турски претставници
- Преговарачкиот тим на палестинското исламистичко движење Хамас денеска отпатува од Доха, за Истанбул на разговори со турски претставници за „најновите случувања“ по застојот во преговорите со Израел за прекин на огнот во Појасот Газа.

Газа, 29 јули 2025 (МИА) – Преговарачкиот тим на палестинското исламистичко движење Хамас денеска отпатува од Доха, за Истанбул на разговори со турски претставници за „најновите случувања“ по застојот во преговорите со Израел за прекин на огнот во Појасот Газа.
- Висока делегација на Хамас, предводена од Мохамед Дарвиш, претседател на Советот на лидерите на Движењето и преговарачкиот тим, заминува за Истанбул, изјави неименуван претставник на Хамас.
Индиректните преговори меѓу делегациите на Израел и Хамас траат повеќе од две недели со помош на посредници, меѓу кои и Катар. Целта е да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници на Хамас, речиси 22 месеци по почетокот на војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека Хамас „не сака договор“ и дека „сака да умре“, а специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, вчера го призна неуспехот на преговорите и ја доведе во прашање добрата намера на Хамас.
Членот на политичкото биро на Хамас, Басем Наим, во петокот изјави дека последните преговори биле за деталите за повлекувањето на израелската војска од Појасот Газа.
Други претставници на Хамас изразија изненадување од коментарите на САД, наведувајќи дека веруваат оти преговорите напредуваат.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, денеска го отфрли меѓународниот притисок за прекин на огнот и рече дека би била „трагедија“ доколку Израел ја прекине војната додека Хамас владее со Појасот Газа и држи заложници. јт/
Фото: Пиксабеј