• сабота, 23 ноември 2024

Почнува Меѓународниот саем во Солун со говор на Мицотакис и низа протести

Почнува Меѓународниот саем во Солун со говор на Мицотакис и низа протести
Солун, 11 септември 2021 (МИА) – Во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, под строги здравствени протоколи поради пандемијата, но и под силно полициско обезбедување поради најавените протести, по пауза од една година во Солун денеска започнува 85-от Меѓународен саем, јави дописничката на МИА од Атина. Викендов, Солун е во центарот на вниманието на грчката јавност, со оглед на тоа што вечерва е свеченото отворање со говорот на Мицотакис, а паралелно закажани се и шест различни протести. Над 5.000 полицајци ќе бидат ангажирани за безбедноста во градот, со оглед на тоа дека протестите се на различни локации и организирани од синдикатите, од левичарско – анархистички организации, но и од антиваксерите. Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови. Политичкиот дел започнува вечерва со говор на Кирјакос Мицотакис, а утре грчкиот премиер ќе ја одржи и традиционалната прес-конференција. Се очекува Мицотакис да соопшти даночни олеснувања, мерки за справување со зголемените цени, но и мотивација за младите да се вакцинираат. Саемот ќе трае до 19 септември, на маргините ќе се одржи и „Thessaloniki Helexpo Forum 2021“ со низа форуми, средби, меѓу кои и конференција посветена на Западен Балкан, а следниот викенд говор и прес-конференција ќе одржи лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас. Оваа година централната тема на саемот е „Грција: минато- сегашност- иднина“, посветена на 200-годишнината од грчката револуција, а ќе учествуваат над 900 изложувачи од 15 земји (Кипар, Виетнам, Ерменија, Луксембург, Полска, Португалија, Бангладеш, Индонезија, Романија, Италија, Русија, Србија, Малта, Бугарија и Германија). Меѓународниот саем лани беше откажан поради пандемијата, но се одржа политичко – економски форум „Thessaloniki Helexpo Forum“. Организаторите, 85-от саем го најавија како прв Covid Free саем во Европа, работи под специјални здравствени протоколи и дозволен е влез само за вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19. ср/паг/

Остани поврзан