Почна судскиот процес за нападот врз концертната сала „Крокус“ во близина на Москва, во кој загинаа 149 лица
- Судскиот процес против 19 обвинети за нападот врз концертната сала „Крокус“ во близина на Москва, во кој загинаа 149 луѓе, а ранети беа 609 луѓе, започна денеска под засилени безбедносни мерки.

Москва, 4 август 2025 (МИА) - Судскиот процес против 19 обвинети за нападот врз концертната сала „Крокус“ во близина на Москва, во кој загинаа 149 луѓе, а ранети беа 609 луѓе, започна денеска под засилени безбедносни мерки.
Фракција на групата Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Красногорск на 22 март 2024 година, кога четворица вооружени лица застрелаа луѓе кои чекаа да почне концерт на позната рок-група, а пред тоа ја запалија зградата.
Претседателот Владимир Путин и други високи руски функционери ја обвинија Украина за вмешаност во нападот, без да обезбедат докази. Киев жестоко негираше каква било вмешаност.
Истражниот комитет, највисоката агенција за кривични истраги во Русија, издаде извештај во јуни дека нападот бил „планиран и извршен во интерес на сегашното раководство во Украина со цел да се дестабилизира политичката ситуација“ во Русија. Освен тоа, тој наведе дека четворицата осомничени напаѓачи се обиделе да избегаат во Украина по нападот.
Четворицата осомничени, кои се државјани на Таџикистан, беа уапсени неколку часа по нападот, а подоцна се појавија пред Московскиот суд со знаци на тешко претепување.
Комитетот годинава соопшти дека уште шест лица се обвинети во отсуство и се ставени на список на барани лица за наводно регрутирање и обука на четворицата напаѓачи за нападот. Останатите девет обвинети се обвинети за помагање и поттикнување на нападот.
Судењето ќе се одржи зад затворени врати поради разгледување на класифицирани информации и поради безбедносни мерки за сите учесници во судењето, вклучително и државниот обвинител. Сослушувањата ќе продолжат до среда. рп/
Фото: МИА архива