• вторник, 19 ноември 2024

Почна реконструкцијата на улицата „Славка Динкова“ во Драчево

Почна реконструкцијата на улицата „Славка Динкова“ во Драчево
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - По три децении отпочнува реконструкција на улицата „Славка Динкова“ во скопската населба Драчево, со што ќе се реши и деценискиот проблем на граѓаните коишто гравитираат на овој потег со атмосферската канализација. Следи целосна реконструкција на атмосферската канализација на овој потег од 1.175 метри, најави денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска по увидот во започнувањето на градежните активности за реконструкција на оваа улица. - За оваа улица се одвоени средства од нешто над 34 милиони денари, со што со електронската аукција е постигната заштеда за Градот Скопје и за граѓаните од 32 проценти, односно од нешто над 16 милиони денари, истакна Арсовска. Таа рече дека верува оти во најкраток временски рок ќе биде завршена реконструкцијата на оваа „важна делница во Драчево“. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој ја придружуваше Арсовска, рече дека по повеќе од 30 години конечно е дојдена фазата каде што следи целосна реконструкција на оваа главна артерија во населбата Драчево. - Ова е една од клучните артерии во населба Драчево, улица која што повеќе од 30 години не беше ставена на дневен ред од ниту една власт, а камо ли да беше преземен некој чекор да се реализира реконструкција, изјави Ѓорѓиевски. Тој додаде дека освен улицата, ќе се реконструира и атмосферската канализација, нешто што недостига веќе долги години на овој потег, ќе има и целосна обнова на тротоарите и промена на сијалиците со штедливи лед светилки што значително ќе и помогне и на Општината во однос на сметките во време на енергетска криза во државата и во светот. - Дополнително, ние како локална самоуправа изминатиов период, како што најавив уште во раната пролет, имавме градежна експанзија, и се уште имаме, многу од улиците во Драчево, над 15, ги реконструиравме изминатиов период. Во продолжение на периодот којшто следи завршуваме и во Пинтија, каде што завршуваме со речиси сите улици со реконструкција - дел се со асфалтирање, дел се со поставување на бекатон плочки, информираше Ѓорѓиевски. На прашањето дали се чистат каналите на цела територија на Скопје, градоначалничката Арсовска рече дека се работи активно и дека е во тек акција на чистење на Усјанскиот Канал и сето она кое што е во надлежност на Градот. - Исто така, имаме голем акција на чистење на реката Вардар и тоа по долги години целосно се чисти коритото на реката Вардар и од двете страни и се надевам дека нема да имаме никакви проблеми, одговори градоначалничката Арсовска. На прашање за нејзино мислење како претседателка на ЗЕЛС околу вчерашното доделување на помош од страна на Владата во висина од 1 милион евра на една општина, додека и други општина бараат помош, таа истакна дека е апелирано повеќе пати дека се бара помош за оние општини коишто се помали и коишто навистина немаат од каде да изнајдат средства за да ја надминат оваа енергетска криза. - Значи, ние имаме општини коишто навистина се лимитирани од аспект од каде и како можат да најдат финансиски средства за да го издржат ова што се случува. И повторно апелирам, доколку можело да се помага на општините од непродуктивни трошења и да се затвораат долговите, дури и во време кога немало криза, верувам дека сега кога има криза во интерес на граѓаните е да се помогне, не на самите општини, изјави Арсовска. Таа информираше дека ќе има доследни информации околу ова прашање по денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС. Додека на прашањето за процесот на ревизија за потпорните ѕидови кои беа најавени мината пролет, градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека ревизијата не е само за процесот на потпорните ѕидови, туку таа финализира и за останатите работи и дека во септември се планира прес-конференција каде што ќе бидат објавени деталите за тоа. сх/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан