• среда, 21 јануари 2026

Почна подготовката на претставата „Ова е само крајот на светот“ - прва премиера на Драмски театар во оваа година

Почна подготовката на претставата „Ова е само крајот на светот“ - прва премиера на Драмски театар во оваа година

Скопје, 20 јануари 2026 (МИА) - Во Драмски театар - Скопје (ДТС) денеска се одржа првата проба на претставата „Ова е само крајот на светот“ по истоимената драма на Жан-Лик Лагарс. Преводот, адаптацијата и режијата се на режисерката Теа Беговска. Во актерската екипа се Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ. Сценограф и костимограф на претставата е Надиа Василева од Бугарија, музиката е на Енес Беговски.  

„Ова е само крајот на светот“ е првата претстава што се подготвува во Драмски во годината кога театарот обележува 80-годишен јубилеј. Премиерата е планирана за 7 март.

Како што соопшти ДТС, директорот Роберт Вељановски на првата проба ги поздравил колегите, им посакал успешен процес и  изразил задоволството што 2026 година театарот ја почнува со подготовка на овој познат текст на Жан-Лик Лагарс, кој има и филмска верзија.

Режисерката Теа Беговска  им се заблагодарила  на актерите за довербата и што прифатиле заедно да ја работат оваа „длабока семејна психолошка драма“. Таа споделила дека кога промислувала за овој драмски текст, „ликовите ги поистоветила токму со актерите што ги избрала во оваа поделба на улогите“.

-Верувам дека во процесот на подготовките на претставата сите заедно многу ќе истражуваме и ќе создадеме една моќна претстава за дисфункционалното семејство, во кое навидум сите се на број, но секој го живее својот индивидуален проблем и најважен процес е одложувањето да се каже вистината, изјавува режисерката. 

Според неа, публиката што ќе ја гледа претставата ќе може „да процени дали протагонистите во претставата успеале да ги променат работите и да нѐ замислат дали ја имаме можноста да разговараме, да не се доведеме до 'крајот' каде што веќе нема можност за комуникација“. хс/вј/

Фото: Драмски театар Скопје 

Остани поврзан