• среда, 27 ноември 2024

Почна одбележувањето на Глобалната недела на парите 2021 година

Почна одбележувањето на Глобалната недела на парите 2021 година
Скопје, 22 март 2021 (МИА) - Под мотото „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“ (Take care of yourself, take care of your money) од денеска до 28 март во земјава по деветти пат се одбележува Глобалната недела на парите, во организација на Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот сектор и непрофитните институции активни во доменот на финансиската едукација. Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини. -Заради пандемијата со коронавирусот, активностите за време на Глобалната недела на парите годинава, главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и на социјалните мрежи. Виртуелните едукативни предавања ќе бидат наменети за учениците од основните и средните училишта на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем, информираат од Народната банка. Оттаму посочуваат дека централната банка ќе оствари повеќе едукативни предавања за учениците од основните училишта, предавања и квизови за учениците од средните училишта, ќе објави едукативна содржина во серијалот „Економија за секого“, како и едукативен анимиран видеоматеријал од серијалот „Со Народната банка во светот на финансиите“. За време на Глобалната недела на парите ќе се одржи и националниот натпревар за Европскиот квиз на парите 2021 година во чии организациски активности е вклучена и Народната банка. На  светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемништвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните, финансиските и образовните институции. вј/са/    

Остани поврзан