Портпаролка на ЕК за споменувањето на Лајчак во документите на Епстин: Не е можно загрозување на дијалогот Белград - Приштина
- Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, денеска изјави дека канцеларијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина и тој процес е под постојан надзор на земјите од ЕУ, па затоа поранешниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој се споменува во документите на Епстин, не може да го компромитира процесот, пренесоа белградски медиуми.
Белград, 3 февруари 2026 (МИА) - Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, денеска изјави дека канцеларијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина и тој процес е под постојан надзор на земјите од ЕУ, па затоа поранешниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој се споменува во документите на Епстин, не може да го компромитира процесот, пренесоа белградски медиуми.
Одговарајќи на прашањето дали споменувањето на поранешниот медијатор во дијалогот во име на ЕУ, Мирослав Лајчак, во документите поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, можело да го компромитира дијалогот за нормализација, Анита Хипер објасни дека од 2011 година, процесот се води меѓу заинтересирани страни, со посредство на ЕУ и под надзор на земјите-членки.
Таа потсети дека мандатот на Лајчак изминал во јануари 2025 година, а тој сега поднесе оставка од функцијата советник за национална безбедност на словачкиот премиер.
По повод споменувањето на европскиот комесар Марош Шевчович во „Епстиновите документи“, неговата изјава беше прочитана на редовната прес-конференција на ЕК во Брисел.
„Никогаш немав директна или индиректна комуникација со Епстин, ниту пак дадов согласност, ниту знаев дека моето име ќе биде споменато во комуникацијата со него. Ако Мирослав Лајчак го направил тоа, тоа е направено без мое знаење и согласност. Ако го споменал моето име, тоа го направил од свои причини и јас немам никаква врска со тоа“. зш/сд/