Поранешниот претседател Иванов учествуваше на форум во Мароко
- Поранешниот претседател Ѓорге Иванов учествуваше на шеснаесеттото издание на форумот MEDays во организација на Институтот Амадеус, што се одржал под покровителство на Кралот на Мароко во периодот од 28 до 30 ноември во Тангер.
Скопје, 1 декември 2024 (МИА) - Поранешниот претседател Ѓорге Иванов учествуваше на шеснаесеттото издание на форумот MEDays во организација на Институтот Амадеус, што се одржал под покровителство на Кралот на Мароко во периодот од 28 до 30 ноември во Тангер.
Како што посочуваат од неговиот Кабинет, темата на форумот „Размислување за дејствување“, обединила различни групи на учесници од лидери и актуелни и поранешни политичари, академици, бизнисмени, до разновидни чинители и експерти кои разговарале за справување со критичните глобални предизвици и промовирање акциони и делотворни решенија.
За време на пленарната сесија посветена на темата каков поредок е неопходен за глобалниот хаос, Иванов се осврнал на потребата од итни реформи на мултилатералните институции пред се Обединетите нации и Советот на безбедност. Тој потенцирал дека во време кога Советот на безбедност при ОН е парализиран пред се поради правото на вет, и дека мноштво од ингеренциите и овластувањата треба да се пренесат во Генералното собрание при ОН како вистински претставник на земјите и каде одлуките се носат со мнозинство гласови.
За време на форумот, Иванов се обратил и на тркалезната маса поврзана со потребата од редефинирање на глобалната безбедност, на која ги посочил можните нови парадигми во мултиполарниот и фрагментиран свет.
Во текот на форумот, Иванов остварил повеќе средби и се вклучил во повеќе дискусии, потврдувајќи ја својата посветеност за поттикнување стратешки дијалог за повеќе значајни прашања од регионално и глобално значење. фф/бак/
Фото. Кабинет на Ѓорге Иванов