• вторник, 03 декември 2024

Поранешниот лидер на Златна зора се враќа во затвор

Поранешниот лидер на Златна зора се враќа во затвор

Атина, 3 јуни 2024 (МИА) – Апелацискиот судски совет од градот Ламиа одлучи поранешниот претседател на грчката радикално десничарска партија Златна зора, Никос Михалољакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, да се врати во затвор и да се поништи одлуката за негово ослободување, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на мај годинава судот во градот Ламиа донесе одлука Михалољакос да биде ослободен, откако издржа три петтини од казната, иако обвинителот имал спротивно мислење и предложил да остане во затвор.

Според грчките медиуми, денешната одлука е всушност усвојување на предлогот на обвинителот дека Михалољакос не се кае за неговите постапки и со објавени текстови на интернет продолжува да ги велича нацистичките незаконски практики на Златна зора, за кои и беше осуден.

Со одлуката, поранешниот лидер на партијата се враќа во затвор за да го отслужи и остатокот од 13-годишна затворска казна за водење криминална организација. 

Златна зора во октомври 2020 година, со судска одлука беше прогласена за криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, во судскиот процес што траеше пет години и беше еден од најголемите и историски процеси во Грција.

Лидерот Михалољакос и пет поранешни пратеници добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација.

Во јуни 2022 година, седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на процесот, судењето започна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен и е во тек.

Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент. ср/

Остани поврзан