Покрената е иницијатива во Србија - за возачите со категорија Б да можат да управуваат со возила над 3.500 кг.
- Српското здружение на увозници на нови возила и делови денеска соопшти дека испратило иницијатива до Министерството за внатрешни работи и до Српската стопанска комора - возачите со категорија Б да можат да управуваат со возила со максимална дозволена тежина што надминува 3.500 килограми.
Белград, 2 јуни 2025 (МИА) - Српското здружение на увозници на нови возила и делови денеска соопшти дека испратило иницијатива до Министерството за внатрешни работи и до Српската стопанска комора - возачите со категорија Б да можат да управуваат со возила со максимална дозволена тежина што надминува 3.500 килограми.
„Развојот на новите технологии е многу брз и затоа е потребно надлежните државни структури навремено да реагираат, забележувајќи ги промените во транспортот на луѓе и стоки, и да донесат прописи што ќе овозможат напредок и безбедност“, наведено е во соопштението.
Сега во пракса се појави ситуација возачите со категорија Б да немаат право да управуваат со електрични возила за достава, комбиња што ја надминуваат максималната дозволена тежина од 3.500 килограми поради тежината на батеријата. Според сегашните прописи, возачите би морале да аплицираат за категоријата Ц1, што негативно би влијаело на транспортот, но и би ја забавило електрификацијата на нашиот возен парк, би имало лош ефект врз животната средина и економијата воопшто, вели Српското здружение на увозници на нови возила и делови.
Согледувајќи го проблемот што се појавува, а во согласност со промените во законодавството на Европската унија, Српското здружение на увозници на нови возила и делови поднесе иницијатива до Министерството за внатрешни работи и Стопанската комора на Србија за усогласување на член 195 од новиот Закон за безбедност во сообраќајот на Србија (ЗББС). Српското здружение на увозници на возила и делови ја испрати оваа иницијатива со цел усогласување на домашните прописи со актуелните законски трендови во Европската унија, кои се однесуваат на можноста за возење со возачка дозвола од категорија Б на одредени категории возила чија максимална дозволена маса надминува 3.500 кг, односно возила од категоријата М1 и Н1 со максимална дозволена маса до 4.250 кг доколку имаат електричен погон (со батерија).
Имено, на 28 февруари 2024 година, Европскиот парламент го усвои Предлогот за директива за возачки дозволи (COM /2024/0127), со која им се овозможува на земјите-членки на ЕУ да дозволат возење на лесни комерцијални возила (категорија Н1) со електричен погон со возачка дозвола од категорија Б, иако нивната максимална дозволена тежина надминува 3.500 кг, односно достигнува максимум 4.250 кг. Оваа промена, како што е наведено, има за цел да поттикне поширока употреба на електрични возила за достава во урбаните средини. зш/