• сабота, 23 ноември 2024

Пожарот на депонијата во Добарце изгаснат со хемиски препарат

Пожарот на депонијата во Добарце изгаснат со хемиски препарат

Тетово, 18 септември 2023 (МИА) – Десет дена откако избувна пожарот на депонијата во село Добарце е целосно изгаснат во текот на вчерашниот ден со употреба на хемиски препарат, оценија денес од Општина Желино и Територијалната противпожарна единица Тетово на заедничка прес-конференција.

Пожарот на илјадниците тони складиран смет избувна на 9 септември, по што секојдневно интервенираше тетовската пожарна, некои денови се интервенираше со механизација, а еднаш и со фрлање на вода од противпожарните авиони.

- Ние сме се обиделе како Општина, сме се потрудиле со сите нашите механизми и капацитети во соработка со ЦУК и ДЗС. Но не бевме во можност да го изгаснеме целосно. Сакаме да им се заблагодарам на сите особено на ТППЕ Тетово, тие од првиот ден до вчера работеа. Исто благодариме до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по негова препорака, ангажиравме една компанија што е специјализирана за гаснење на пожари и со нивен препарат успеавме да го изгасиме вчера. Почнавме во шест наутро и се гасеше 12 часа, изјави Јасин Шаќири, шеф на кабинетот на градоначалникот.

Тетовските пожарникари покрај секојдневното гаснење со употреба на цистерните со вода вчера го извеле и потфатот со специјалниот препарат.

- За хемикалијата, многу добро ни дојде, експерт од Битола е. За нас пожарникарите ова беше добредојдено, од првиот ден, секој ден доаѓаме тука, фрламе вода, не успеваме да го гасиме, се знае дека депониите не се гасат со вода. Експертот ни кажа дека ако може да чади на некои места помалку, после неколку денови ќе го изгасне целосно, изјави Авни Амети, командир на тетовската пожарна.

Пожарната и понатаму во тетовскиот регион гаси нови пожари на депонии во атарите на Селце и Ѓермо. Поради тоа секојдневно се чувствува и непријатна миризба и има чад и во Тетово. ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан