• понеделник, 23 декември 2024

Поддршката од 250 милиони евра да биде во пакет со решавање на сите горливи прашања за бизнисот, бара Стопанската комора

Поддршката од 250 милиони евра да биде во пакет со решавање на сите горливи прашања за бизнисот, бара Стопанската комора

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) - Фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, тоа е нормално, но така ќе креираме само моментно решение на ситуацијата. Мора се да оди во пакет, и да се обезбедат средства за поддршка на бизнисот, но и да се решат сите горливи прашања на кои постојано укажуваме. На тој начин ќе креираме квалитетен деловен амбиент во кој државата ќе има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без нејзино мешање, истакна денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во врска со унгарските 250 милиони евра што како поддршка треба да ги добијат компаниите.

Азески соопшти дека премиерот Христијан Мицкоски в четврток ќе дојде на средба во Комората токму за заемот од Унгарија, а Комората, како што напомена, ќе бара тие средства да бидат достапни по прифатливи услови. Притоа, нагласи, предност треба да се даде на развојот на извозот, иновативноста и продуктивноста зашто тоа би било, рече, чекор напред.

Одгoворајќи на новинарско прашање, Азески потенцира дека е клучно да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината, како и ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација.

-Нас не не интересира ништо друго, освен да дојдеме до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности, но тоа прашање не треба да се селектира, туку треба да биде поставено во пакет што ќе значи подобрување на општиот деловен амбиент кај понудата која е многу значајна за развој на иновативноста, ефикасноста и извозот кои, пак, се алфа и омега за опстанок на државата, порача Азески.

Тој потврди дека Комората е во контакт со Владата за кредитите.

-Во четврток премиерот ќе го изнесе тука, во Комората, своето гледиште за тоа прашање. Нас не не интересира ништо друго, туку да дојдеме до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности. Еве јавно ќе кажам што ќе каже Комората во четврток, дека ние ќе бараме средства кои под тие услови се за нас прифатливи, да го поддржат бизнисот. Второто прашање е да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината. Третото прашање е, ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација и последното прашање е, да ги елиминираме сите прашања што ги наметнуваше бизнис заедницата во изминативе 10 години, а не беа разрешени. И наместо да правам десетгодишна панихида, конечно да ги решиме. Мислам на член 218 од Законот за извршување, на парафискалните давачки, на прашањата врзани за холдингот, за регулаторната гилотиња, недела неработен ден. Мислам и на прашањата врзани за многуте неработни денови што создаваат проблем во работењето на компаниите. Тоа се за нас прашања што треба сериозно да бидат наметнати и земени како пакет. Поединечно гледано, нема да создадеме подобар амбиент, ќе создадеме решавање на моментална ситуација во која фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, што е и нормално, не да видиме амбиент во кој државата ќе ја има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без мешање на државата и на тој начин ќе овозможи поинаква ситуација на новосоздадени вредности, подвлече Азески.

Според него, единствено зголемувањето на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста може да доведе до напредок на државата. 

-Ние бевме задолжени да ги предложиме критериумите по кои ќе се прави тоа и нашиот став, ние ја завршивме таа работа, ја известивме Владата за тоа, нашата заложба е еднаква на оние стратегии што долги години Комората ги има и презентира во јавноста – зголемување на извозот преку зголемување на конкурентноста и продуктивноста е единственото нешто што може да доведе до напредок на државата. Тоа значи дека сите треба малку да подработиме на тоа да се намалат трошењата и со тоа да се намалат цените, да бидат конкурентни тие производи зашто тие пари што ние ги имаме земено досега некој треба да ги враќа, а министерката рече дека ќе си одат младите и ако им понудиш пари што се помалку од таму кај што одат, тука патриотизам и љубов нема. За интереси никој не може да задржи никого. Ние ќе ги задржиме ако создадеме услови подобри од таму каде што одат. Така што, за мене тоа прашање е чисто, јасно, разјаснето, расчистено. Се работи за пазарни услови под еднакви можности за секого,  рече претседателот на Комората. мч/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан