• вторник, 26 ноември 2024

,,Подари мартинка, израдувај дете" во Кавадарци 

,,Подари мартинка, израдувај дете
Кавадарци, 1 март 2023 (МИА) - „Подари мартинка, израдувај дете", е насловена хуманитарната акција, што денеска се реализира во Кавадарци. Организатор е детската градинка ,,Рада Поцева". 
 
- Најмладите од неколкуте клона во градинката, заедно со своите воспитувачки, изработија мартинки за здравје и среќа. На неколку локации во градот, тие денес ќе им понудат мартинки на кавадарчани. Сите што ќе земат мартинки, ќе можат да донираат финансиски средства во рамките на своите можности, а со донираните средства ќе бидат обезбедени дидактички материјали за децата што посетуваат градинка, појасни за МИА, директорката на градинката, Цанка Добринова. 
 
Таа потсети дека традиционално секоја година, на ваков начин се одбележува почетокот на месец март и верувањето дека носењето мартинка, носи радост.
 
Мартинките се изработуваат од бел и црвен конец. Според верувањата на тиквешани, мартинките се носат до 22 март. После тоа се вадат. Различни луѓе потоа различно постапуваат со нив, иако сите понатамошни ритуали се исто така поврзани со желбата за среќа. Едни ги закачуваат на родовити дрва што цутат за напредок, други ги ставаат под камења за плодност. Според некои, мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и по нив се гази. Ако после еден месец под каменот има мравки, се верува дека годината ќе биде бериќетна.  свд/дма/
 
Фото: МИА

Остани поврзан