• среда, 27 ноември 2024

Повторно сѐ се затвора во Грција, со цел да се отворат училиштата на 11 јануари

Повторно сѐ се затвора во Грција, со цел да се отворат училиштата на 11 јануари
Атина, 2 јануари 2020 (МИА) – Од утре, недела 3 јануари во 6 часот наутро, до 6 часот наутро во понеделник на 11 декември, повторно остануваме дома, бидејќи се одложува работата на сите активности и услуги што постепено беа дозволени пред Божиќ, соопшти претпладнево портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас и истакна дека целата на превентивните мерки е подобрување на епидемиолошката слика во земјата за од 11 јануари да се отворат училиштата, јави дописничката на МИА од Атина. Поконкретно, повторно се затвораат фризерските салони и берберниците, салоните за нега на нокти, центрите за технички преглед на возила, книжарниците и прекинува да функционира услугата  „click away“, односно подигање нарачка од продавниците, што практично значи дека Грција повторно се враќа на целосен карантин. Полицискиот час е продолжен и одново ќе биде од 21, наместо од 22 часот и ќе трае до 5 часот наутро. -Овие неколку дена остануваме дома и на 11 јануари се враќаме на денешната состојба и со отворени училишта. Развојот на епидемиолошките податоци ќе биде главен критериум за дополнителното, постепено отпочнување на економската и општествената активност. И секако, секогаш, во согласност со мерките за заштита согласно околностите, истакна Пецас. Портпаролот на грчката Влада рече дека епидемиолошката слика во земјата е подобрена, но и понатаму е голем бројот на нови случаи, националниот систем сѐ уште е под притисок, а околу 2.500 граѓани Божиќ го помина хоспитализирани, а над 400 лица се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега. Грчки владини извори брифираат дека воведувањето построги мерки за периодот 3 до 10 јануари е по одлука на премиерот Кирјакос Мицотакис од превентивни причини, за да можат на 11 јануари да се отворат сите училишта. Заедно со училиштата одново ќе функционираат бизнисите што беа отворени пред празниците, а по 11 јануари неделните литургии во црквите ќе бидат отворени за верниците. Според истите информации, на крајот од втората седмица на јануари, одново ќе се оцени епидемиолошката состојба во земјата и Владата ќе излезе со нови соопштенија за останатите сектори на општествената и економската активност. Од 7 ноември 2020 година, Грција е во карантин, што на два пати беше продолжен и требаше да трае до 7 јануари. Паралелно беше воведен и полициски час првично од 21 часот, а потоа скратен од 22 часот, додека пак непосредно пред божиќните празници беа отворени фризерските салони и берберниците, салоните за нега на нокти, центрите за технички преглед на возила, книжарниците и беше воведена услугата  „click away“, односно подигање нарачка од продавниците, по претходно направена нарачка преку интернет или телефонски. Од почетокот на пандемијата во Грција се регистрирани вкупно 139.447 случаи на Ковид-19, а починаа 4.881 лица.ср/

Остани поврзан