Повеќе од 30.000 луѓе се евакуирани поради поплави во јужна Кина
- Околу 30.000 луѓе се евакуирани во округот Хуаиџи во Кина откако неколкудневните обилни дождови предизвикаа поплави, соопшти државната телевизија ЦЦТВ.
Пекинг, 20 јуни 2025 (МИА) - Околу 30.000 луѓе се евакуирани во округот Хуаиџи во Кина откако неколкудневните обилни дождови предизвикаа поплави, соопшти државната телевизија ЦЦТВ.
Спасувачите користат гумени чамци за евакуација на луѓето и доставување храна и вода до тие кои се заробени од поплавите во јужната кинеска покраина Гуангдонг.
Повеќе од половина од патиштата во округот се поплавени, а во многу делови нема електрична енергија и интернет.
Реката Суиџианг се излеа во средината на градот и ги претвори широките улици во канали. Во некои делови, водата стигна до половина од првите катови на повеќекатните згради.
Округот Хуаиџи се наоѓа во близина на границата со регионот Гуангси и околу 140 километри северозападно од Гуангџу, голем индустриски и пристанишен град кој е главен град на покраината.
Тропската бура Вутип донесе обилни дождови во регионот, а на почетокот на неделава имаше монсунски дождови. Пет лица го загубија животот во Гуангси во две лизгања на земјиштето предизвикани од тропската бура. рп/
Фото: ЕПА