• четврток, 09 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Плеврис: Оние кои нелегално пристигнуваат во Грција ќе се апсат, притвораат и ќе се враќаат назад

Плеврис: Оние кои нелегално пристигнуваат во Грција ќе се апсат, притвораат и ќе се враќаат назад

Атина, 10 јули 2025 (МИА) – За оние кои нелегално влегуваат, не прифаќаме барања за азил, ќе се апсат, притвораат и ќе се враќаат назад, напиша на Икс министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис за амандманот што доцна синоќа беше доставен во грчкиот Парламент, а се однесува на суспензија на барањата за азил на мигрантите од северна Африка, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Плеврис со амандманот се најавуваат „кривичните одредби што ќе предвидуваат затвор или враќање“.

Амандманот, што денеска се очекува да биде ставен на гласање пред пратениците, предвидува суспендирање на поднесувањето барања за азил од лица од северна Африка, кои нелегално влегле во Грција со пловни средства и овие лица ќе бидат вратени, без регистрација, во земјата од која дошле или во нивната земја на потекло.

Поради зголемените мигрантски бранови од Либија кон јужна Грција и островите Гавдос и Крит, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера најави построги мерки за мигрантите и порача дека „рутата кон Грција се затвора“.

Министерот за миграција и азил на Грција, утрово, говорејќи за телевизијата „Скај“, истакна дека земјата не може да толерира секојдневно пристигнување на бродови со 1.000 луѓе.

Објасни дека со новиот закон што ќе се донесе во Парламентот, за оние кои ќе добијат негативен одговор на барањето за азил, останувањето во Грција ќе се смета за кривично дело и ќе биде предвидена затворска казна од пет години што ќе мора да се издржи, освен ако мигрантот не одлучи да се врати во неговата земја.

Дополнително се осврна и на додатоците што ги добиваат барателите на азил и откри дека дал наредба сè да се преиспита нешто за што, како што рече, е информиран и надлежниот еврокомесар.

- Владата ќе усвои политика на драстично намалување на бенефициите. Меѓу другото, побарав да се преиспита менито што се дава во прифатните центри, кое во моментов е хотелско мени, рече Плеврис и додаде дека имаат три опции за оброк, четири пати месо и еднаш риба.

- Министерството за миграција не е хотел, порача Плеврис.

Мигрантите, вкупно 520 лица, кои вчера беа спасени во близина на Крит, поради недостигот на простори за привремено сместување на островот, беа пренесени во Атина. ср/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан