• четврток, 20 февруари 2025

Пласидо Доминго, еден од најголемите тенори на денешницата, на 14 март во Скопје

Пласидо Доминго, еден од најголемите тенори на денешницата, на 14 март во Скопје

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго на 14 март 2025 година ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири - една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија. 

Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски на денешната прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена. Концертот ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ со почеток во 21 часот. Овој концерт го организира Македонската опера и балет со Прагма продукција.

Аесовски потенцира дека маестро Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, како што рече, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

- Марија  Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот, посочи Арсовски. Потсетувајќи дека имала над 150 настапи, а во 2010 година настапила на Мајските оперски вечери.

Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.

Оперскиот концерт ќе има два дела. Во првиот дел ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар. - Се надевам и сигире сум дека ќе има бис, додаде Арсовски.

Кристијан Стефановски, претставник  на „Прагма продукција“, соопшти дека гостувањето на Доминго е специјално гостување и не е дел од некаква турнеја. Најави дека продукцијата и озвучувањето ќе биде перфектно и додаде оти ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала. 

- За една мала земја како што сме ние, ова е од големо значење. Маестро Доминго не почитува и како земја, тоа може да го видите во изјавите, и без никакво наше нагласување, земјава ја претстави како Македонија, во сите негови изјави и на на неговата официјална веб-страница, рече Стефановски. Изрази благодарност до Министерството за култура и туризам и Националната опера и балет за поддршката и до генералниот спонзор Алкалоид.

Преку видео се обрати Пласидо Доминго, кој изразува задоволство што ќе настапи во нашата држава. Најавува дека концертот и неговата програмата ќе разбудат радост, емоции и смеа кои публиката долго ќе го памети. 

Маестро Пласидо Доминго ќе пристигне во Скопје неколку дена пред концертот, на 11 март,  по што ќе има две проби со Орекстарот и со Хорот на Операта. Генералната проба ќе биде во арената „Борис Трајковски“.

Билетите повеќе од три месеци се во продажба и во соседните земји, со цена од 2 000 до 5 000 денари. Досега над 500 билети се продадени во Бугарија. мд/са/

Фото/видео: МИА / ЕПА

Остани поврзан