• понеделник, 23 декември 2024

Писонеро за МИА: Проширувањето останува процес заснован на заслуги, Северна Македонија да ги забрза уставните измени 

Писонеро за МИА: Проширувањето останува процес заснован на заслуги, Северна Македонија да ги забрза уставните измени 

Брисел, 21 декември 2021 (МИА) – Претендентите за членки на ЕУ се подготвени да работат уште понапорно на клучните реформи за да се приклучат на нашата Унија и сакаме да бидеме јасни дека проширувањето останува процес заснован на заслуги, кој бара вложувања и посветеност за спроведување на суштински реформи, вклучително и за владеењето на правото, изјави за МИА портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување Ана Писонеро. 

Според неа, во услови кога постои моментум за проширување на ЕУ, Европската комисија ги охрабрува сите страни во Северна Македонија да работат заедно за да ја придвижат земјата на нејзиниот пат за пристапување во Унијата. 

- Заклучоците на Европскиот совет се јасни: Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш штом земјата ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза нивното спроведување, изјави Писонеро на прашањето на МИА дали се можни други решенија, како измена на Преговарачката рамка, доколку не се обезбеди мнозинство за усвојување на уставните измени. 

Таа додава дека во рамки на пакетот за проширување, на 8 ноември Европската Комисија го претстави и својот предлог за нов План за раст на Западниот Балкан. 

- Целта (на Планот) е да донесе некои од придобивките од членството во ЕУ во регионот уште пред зачленувањето, да ја зајакне економската интеграција на единствениот пазар на ЕУ, да ја зајакне економската интеграција со Западниот Балкан преку заеднички регионален пазар, да ги забрза фундаменталните реформи и да ја зголеми финансиската помош за поддршка на реформите со средства за реформи и раст за Западниот Балкан, вели Писонеро. 

Таа додава дека регулативата за воспоставување на Фонд за реформи и раст моментно се разгледува од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кои треба да ја договорат заедничката позиција. 

Според неа, напредува и процесот во соработка со шесте партнери на ЕУ од Западниот Балкан за изготвување на реформските агенди предвидени со Планот за раст и Механизмот.  

- Во ноември и декември веќе се одржаа билатерални состаноци на високо ниво и партнерите од Западниот Балкан во консултација со Комисијата почнаа да ги идентификуваат клучните реформски приоритети за да се поттикне економскиот раст и да се забрза социо-економската конвергенција со ЕУ. Комисијата се надева дека финансирањето ќе биде достапно што е можно поскоро во текот на 2024 година, додава Писонеро. 

Во врска со поддршката на европските граѓани на процесот на проширување, портпаролката на ЕК потенцира дека во својот неодамнешен извештај Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) посочува оти според најновиот Евробарометар од јуни 2023 година, 53 отсто од граѓаните на ЕУ во принцип го поддржуваат проширувањето, додека 37 отсто се против него, па иако, според ЕЦФР, бројките во корист на проширувањето можеби не се големи, тие сепак сигнализираат пресвртница на долгогодишниот тренд.  

- Важно е да се продолжи дијалогот со граѓаните на ЕУ за да им се објасни што е проширувањето. Политиката на проширување на ЕУ, која доби на интензитет, е повеќе од кога било геостратешка инвестиција во долгорочниот мир, стабилност и безбедност на целиот наш континент, вели Писонеро во изјавата за МИА. сп/нд/

Остани поврзан