• среда, 25 декември 2024

Пецас: Настаните во Мориа отвораат прашања за националната безбедост, хуманоста и заштитата на јавното здравје

Пецас: Настаните во Мориа отвораат прашања за националната безбедост, хуманоста и заштитата на јавното здравје
Атина, 10 септември 2020 (МИА) – Настаните во Мориа отвораат сериозни прашања за националната безбедост, хуманоста и заштитата на јавното здравје, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина. Пецас истакна дека целта е да се воведе ред во делот околу Мориа, а сместувањето, храната и заштитата се трите точки на кои во овој момент е фокусирана грчката Влада. - Во текот на денот ќе се направат сите неопходни активности за сместување во специјални простори, првично, на ранливите категории и семејствата. Во однос на храната, продолжи редовното дневно снабдување со храна, во соработка со хуманитарните организации во деловите каде што привремено се собрани бегалците и мигрантите. За заштитата, пред сѐ мора да се ограничи веројатноста за ширење на коронавирусот, рече Пецас и додаде дека на Лезбос веќе се испратени околу19.000 молекуларни ПЦР-тестови за Ковид-19. За сместувањето рече дека тоа ќе оди постепено и не може да биде преку ноќ. Во прифатниот центар, како и во импровизираниот камп во околината, пред завчерашниот пожар престојуваа нешто помалку од 13.000 лица, а во текот на вчерашниот ден, околу 3.000 бегалци и мигранти останаа без покрив над глава, бројка што денеска е многу поголема по синоќешниот втор пожар и нанесената штета во надворешниот дел. Портпаролот на грчката Влада, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа колку лица во овој момент се на улица, рече дека денеска се оценува ситуацијата, која е целосно поразлична од вчера и затоа говорат за постепено обезбедување сместување за бегалците и мигрантите. - Не е вкупниот број (бегалци и мигранти), но е голема бројка што е приближно до вкупната, бидејќи еден голем дел од просторот што беше вон затворениот дел, вчера претрпе штета, објасни Пецас. Во однос на пожарите, истакна дека „некои не ја почитуваат земјата којашто ги примила“, а паралелно порача дека оние го подметнаа пожарот „сметаа дека ако ја запалат Мориа, без никаква селекција, ќе го напуштат островот“. - Им велиме дека не разбрале добро. Нема да заминат поради пожарот. Ова не важи за децата бегалци без придружба, кои веќе беа префрлени, порача портпаролот на грчката Влада. За причините за пожарот, рече дека веќе се спроведува истрага, а за виновниците, кога ќе бидат откриени, ќе има санкции и апсења. Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис и министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис се на Лезбос, а не е исклучена можноста во текот на денот да излезат со нови соопштенија за ситуацијата во Мориа. ср/сд/

Остани поврзан