• петок, 05 декември 2025

Промовирана новата стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за период 2024-2028 со акциски план

Промовирана новата стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за период 2024-2028 со акциски план

Скопје, 14 јули 2025 (МИА) – Националната конвенција на Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска беше домаќин на 17. сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Ефикасност на институционалниот одговор во Република Северна Македонија на препораките на ЕУ за конфискација и управување со имот стекнат од криминал“, со која ко-претседаваа државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Сашо Петрушевски и директорот на Директоратот за европска интеграција при Министерството за надворешни работи Андреј Лепавцов.

Петрушевски во своето обраќање се осврна на податоците на Европол за криминалните приходи од главните криминални пазари во Европската унија, кои, рече, достигнуваат 139 милијарди евра, што соодветствува на еден отсто од бруто домашниот приход на Унијата.

Процентот на криминалните приходи кои институциите за спроведување на законот во ЕУ успеале да го одземат од рацете на криминалците, Петрушевски рече дека останува под два отсто од годишно проценетиот приход од организираниот криминал.

Тој ја промовираше новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028 со акционен план, која минатиот месец беше усвоена на седница на Влада. 

– Новата стратегија се базира на длабока анализа и усогласување на националното законодавство со релевантните меѓународни стандарди и реални потреби на институциите вклучени во финансиска истрага и конфискација на имот. Во подготовката на оваа Стратегија се ангажирани повеќе од 10 национални институции што гарантира дека сите активности се правилно испланирани и осмислени … Со успешно спроведената конфискација на нелегално стекнатиот имот ќе покажеме колку една држава вистински е посветена во борбата против организираниот криминал и корупција. Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот и доколку државата со еден мултиинституционален пристап не им докаже на криминалците дека криминалот не е исплатлив, без оглед на богатството кој го создава, дециден беше Петрушевски.

Директорот на Директоратот за европска интеграција при МНР, Лепавцов, ја посочи дигитализацијата и размената на информациите помеѓу институциите како исклучително важна. Според него, без поврзување на базите на податоци и информации помеѓу институциите и деловните банки, преку кои може да се види текот на парите „тешко дека ќе имаме значителен успех“.

На настанот свое обраќање имаше и директорката на Агенцијата за управување со одземен имот Ирена Илиевска, која што посочи дека согласно новите измени на Законот за управување со конфискуван имот, од денеска сите државни институции можат да дојдат до возилата кои што се привремено или трајно одземени.

Како што појасни Илиевска, досега со овие возила можеа да управуваат само Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, а од денеска ќе можат и државните институции кои што ќе поднесат барање до Агенцијата за управување со одземен имот. Агенцијата, додаде, на располагање има некаде околу 1700 до 1800 возила, дел од нив се привремено, а дел конечно одземени, односно, како што рече, за нив целосно е завршена постапката. Согласно законските измени, Илиевска појасни дека постојат две категории, односно отстапување на возила кои што се конечно одземени и отстапување на возила кои што се привремено одземени. 

– Што се однесува за привремено одземени возила, најпрво ние како Агенција треба да побараме согласност од сопственикот од којшто е одземено возилото. Доколку сопственикот не даде согласност, ние се обраќаме до органот којшто го одзел возилото и доколку добиеме согласност од сопственикот или од органот којшто го одзел возилото, ние можеме да донесеме одлука согласно барањата на институциите, тие возила да ги преотстапиме на државни институции, со тоа што, доколку е привремено, должни се институциите кои што ќе го преземат возилото, да уплатат 93 отсто од вредноста на возилото, која што ќе се утврди врз база на проценка, да ги уплатат средствата во државниот Буџет, а 7 отсто од средствата да ги уплатат на Агенцијата за управување со одземен имот, рече Илиевска. 

Во случај возилото да треба да се врати на сопственикот по одреден временски период, директорката на Агенцијата појасни дека институцијата која што го презела треба да ги врати на сопственикот тие 93 отсто од вредноста на проценката, додека тие седум отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата.

– Доколку настане случај дека тоа возило треба да се врати по одреден временски период на сопственикот, институцијата која што го презела, на која што било отстапено возилото согласно одлука на Влада, треба да ги врати на сопственикот, тие 93 отсто од вредноста на проценката, а оние 7 отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата на самиот сопственик. Сето тоа го предложивме за оваа категорија на возила, поради тоа што постапките од одземање до конечно завршување траат премногу долго. Значи имаме пресуди за возила кои што се по различни основи, дали се одземени по основ на убиство, носење на дрога, по основ на мигранти или икс други причини и поради тоа постапката оди доста долго, рече Илиевска. ра/са/

Фото: МИА / МВР

 

Остани поврзан