• сабота, 16 ноември 2024

Петровска: Функционалните хеликоптери кои и се потребни на Армијата се задржани, ги дониравме тие за кои ГШ процени дека не ни требаат

Петровска: Функционалните хеликоптери кои и се потребни на Армијата се задржани, ги дониравме тие за кои ГШ процени дека не ни требаат

Скопје, 5 април 2023 (МИА) - Донациите за поддршка на Украина со воена опрема апсолутно не влијаат и не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во вечерашното гостување  на ТВ Шења.

- Доколку тоа беше така јас сигурно немаше да ги предложам тие одлуки, ниту пак, убедена сум, Генералштабот на Армијата ќе дадеше позитивно мислење. Затоа што пред сè и над сè, без разлика на мојата политичка волја да помогнеме, ако Генералштабот на Армијата дадеше негативно мислење верувајте дека и јас немаше да предложам било каква одлука до Владата, истакна Петровска.

Говорејќи за хеликоптерите кои се предмет на донација, Петровска потенцира дека тие се комплетно нефункционални веќе подолго време, а причината за нивната нефункционалност е немањето резервни делови кои се од руско производство, состојба која се провлекувала години наназад.

- Ние правиме наши планови, национални, за развој на одбранбените способности, преминуваме од таа источна или застарена платформа, на нова, модерна, западна платформа. Старите хеликоптери, произведени во `84-та година, ги заменуваме со нови хеликоптери. И повторно ќе кажам – тие и претходно не беа во функција. Оние кои се во функција и ѝ се потребни на Армијата – тие се задржани и се дел од воздухопловството на Армијата. Тие се разбира дека немаме намера да ги отуѓиме се додека не стигнат новите, односно не започне набавката, не стигнат новите, и бидат ставени во употреба. Заради тоа што не е само да го имате оружјето или опремата или во случајот хеликоптерите, тие треба да бидат ставени во употреба низ процедура којашто е многу јасно пропишана во Армијата што значи дека персоналот треба да биде соодветно обучен, да поминат определен број на часови на летање конкретно за воздухопловите, па дури потоа тоа се донесува одлука дека тие стапуваат во употреба. Тогаш, може да носиме дополнителни одлуки за тоа што ќе се случува со оние хеликоптери кои сега се во употреба и ги користиме, реле Петровска.

Таа посочи дека и растот на буџетот, особено растот на процентот од буџетот наменет за модернизација, покажува дека донациите не нанесуваат никаква штета на опременоста на Армијата.

- Тоа ќе беше случај ако изминатите години, пред јас да станам министерка, во Армијата не беа правени вложувања. Напротив. Процентот на раст на буџетот на одбраната, особено од 2019 година наваму, говори за сосема нешто друго. Говори дека се надополнува сиот оној изминат период од десетина години кога во Армијата многу малку се инвестирало, не само во вооружување и во опрема туку и во човечките ресурси, дека тој сега значително со забрзани чекори се подобрува и зголемува. Оваа година над 33% од буџетот за одбраната оди во модернизација и опремување на Армијата, истакна Петровска./

Остани поврзан