Петрова: Останува да се наплатат уште 5 проценти од годишниот план, сосема е извесно дека годинава ќе ја завршиме со негово исполнување
- Полнењето на буџетот е стабилно и сосема е извесно дека годината ќе ја завршиме со исполнување на планот, бидејќи до крајот на годината останува да се наплатат уште 5 проценти од годишниот план, оцени денеска директорката на управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.
Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Полнењето на буџетот е стабилно и сосема е извесно дека годината ќе ја завршиме со исполнување на планот, бидејќи до крајот на годината останува да се наплатат уште 5 проценти од годишниот план, оцени денеска директорката на управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.
-Заклучно со 30 ноември планот е целосно исполнет и натфрлен со 2 проценти. Сега се наоѓаме во период од месец декември кога се уште не поминале клучните датуми кога се роковите за плаќање на обврските, тоа се 15-ти и 25-ти во месецот, но еве до крајот на годината останува да се наплати уште 5 проценти од годишниот план и споредбено со тоа какви се историските тенденции колку приходи или колкав дел од годишниот план се наплаќа во текот на месец декември секоја година сосема е извесно дека овие 5 проценти ќе ги наплатиме до крајот на годината, изјави Петрова во одговор на прашање пред почетокот на презентацијата на најновиот Извештај на Светска банка за земјава.
Прашана дали има потреба да се зголеми ДДВ-то, како што предлага бизнис заедницата, Петрова рече дека нема потреба од зголемување на ставката на ДДВ и додаде дека со други методологии, со други пристапи може да се подобри даночната усогласеност и да се мобилизираат даночните приходи со задржување на ниски даночни стапки.
- Ние работиме во рамките на политиките на Владата, фискалната стратегија, тоа се политики за одржување на ниски даночни стапки, а собирањето или мобилизацијата на даночните приходи треба да ја обезбедиме во тие услови на ниски даночни стапки со проширување на даночната база, со интегрирање на сивата економија во формалната економија и со разни други мерки коишто ќе се однесуваат на намалување на сите други даночни гафови, односно загуби на даночни приходи заради даночна евазија заради нецелосно и неточно плаќање на даноците, рече Петрова. вј/лв/
Фото: Принтскрин