Петер Соренсен именуван за нов специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина
- Советот на ЕУ денеска на предлог на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас го именуваше данскиот дипломат Петер Соренсен за нов специјален претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина.
Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) - Советот на ЕУ денеска на предлог на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас го именуваше данскиот дипломат Петер Соренсен за нов специјален претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина.
Како што соопшти Советот, задачата на Соренсен ќе биде да го олесни дијалогот што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово и особено за спроведување на Договорот за патот кон нормализација и на Анексот за негова имплементација.
Соренсен, кој е и поранешен шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе ја преземе новата должност од досегашниот висок претставник Мирослав Лајчак на 1 февруари. Првичниот мандат на Соренсен е во траење од 13 месеци.
Соренсен има тридецениско работно искуство со Западниот Балкан. Од 1995 до 1996 тој беше политички советник на Набљудувачката мисија на Европската заедница во поранешна Југославија, потоа и правен советник на високиот претставник на меѓународната заедница во Сараево и на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот, како и шеф на Политичкиот оддел и виш советник на претставникот на ОБСЕ во Хрватска.
Од 2001 до 2002 беше висок советник на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Косово, по што ја презеде должноста заменик-шеф на Одделот за обнова и економски развој на УНМИК. На оваа функција остана до 2006 година, кога беше именуван за личен претставник во Белград на тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, а потоа и на неговата наследничка Кетрин Ештон.
Во 2010 година беше именуван за шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, а следната година премина на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево и специјален претставник на Унијата за БиХ, функција што ја извршуваше до 2014 година. Од ноември 2014 Соренсен е шеф на Делегацијата на Европската унија при Канцеларијата на Обединетите нации во Женева, како и претставник на ЕУ во Советот за човекови права на ОН.
Специјалните претставници на ЕУ имаат за задача да ги промовираат политиките и интересите на ЕУ во одредени региони и земји или да работата на прашања од особена грижа или интерес за ЕУ. Тие играат активна улога во напорите за консолидирање на реформите, стабилноста и владеењето на правото. Првите специјални претставници на ЕУ беа назначени во 1996 година. Во моментов, работата на Калас ја поддржуваат 11 специјални претставници на ЕУ.