• сабота, 23 ноември 2024

Перински за 100-те дена: Над 1 милијарда денари инвестирани во речиси 200 инфраструктурни проекти во сите осум плански региони

Перински за 100-те дена: Над 1 милијарда денари инвестирани во речиси 200 инфраструктурни проекти во сите осум плански региони

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) – Во отчетот за работата на Министерството за локална самоуправа во изминатите сто дена, министерот Златко Перински истакна дека 100-те дена не биле лесни, но се почеток на долгорочен пат и, како што рече, нова ера на инклузивност кон сите граѓани и кон сите општини без селективен пристап.

- Изминативе 100 дена бевме посветени на секој граѓанин и секоја општина, инвестирани се над 1 милијарда денари во речиси 200 различни инфраструктурни проекти во сите осум плански региони низ земјава. Реконструкција и изградба на патишта, адаптација и реконструкција на објекти во енергетско ефикасни згради, реконструкција на објекти од областа на образованието и социјалната и здравствена заштита, подобрување на инфраструктурата на туристичко-излетнички места, се само дел од проектните стратегии кои ги имплементиравме за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече Перински на презентацијата на активностите и проектите од неговиот ресор во 100 дена од новата Влада. 

Дел од проектите, информираше Перински, се имплементираат преку Бирото за регионален развој, некои во соработка со општините, а има и проекти кое се резултат на партнерските односи на Министерството за локална самоуправа со Швајцарската агенција за обнова и развој, како и со проектните партнери на локалната самоуправа како УНДП, ОБСЕ мисијата и Националниот демократски институт (НДИ).

Важен сегмент од инвестицискиот план, посочи министерот, се и проектите од ИПА-Програмата, во соработка со сите пет соседни земји кои заеднички придонесуваат за развој на пограничните региони.

-Овие 100 дена беа период на интензивна работа, во кој успеавме да ги надминеме наследените предизвици и да разработиме систем кој максимално ги искористува сите капацитети и ресурси за постигнување на нашите зацртани цели. Со максимална посветеност и ангажман, започнавме со реализација на поставените приоритети. Успеавме да детектираме и адресираме многу од пропустите со кои до неодамна се соочуваа општините, што резултираше со подобрување на квалитетот на испорачаните јавни услуги и подобрување на секојдневието на граѓаните, истакна Перински.

Соопшти дека преку Бирото за рамномерен регионален развој во тековната година се реализираат 129 проекти во области како енергетска ефикасност, инфраструктура, заштита на животната средина и развој на туризмот. Во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, посочи министерот, активно се спроведуваат и 12 дополнителни проекти. 

Во својот отчет, тој ги наведе и десетте проекти кои Министерството за локална самоуправа ги имплементира во сите осум плански региони со поддршка на Швајцарската агенција за обнова и развој и Владата на Швајцарија.

 -Во периодот што следува, со поддршка на канцеларијата на УНДП ставаме фокус на примената на Законот за локалната самоуправа. Овој исклучително важен и во основа добар закон, веруваме дека има простор уште повеќе да се подобри преку системска анализа на одредени слабости кои ги воочуваме во нашиот систем и преку предлагање на соодветни решенија во согласност со најдобрите европски искуства. Во оваа смисла, со поддршка на УНДП, во периодот што следува ќе се формира група од домашни и од меѓународни експерти која ќе ги истражи најдобрите практики кои треба да овозможат уште поголема функционалност на општините, во интерес на испорачување на поквалитетни услуги на граѓаните. Правиме маскимални напори целата оваа процедура да се заврши до локалните избори, за да може новите општински власти да работат согласно измените и дополнувањата на овој важен фундаментален акт, најави Перински.

Соопшти и дека се работи на ажурирање на општинските бази на податоци на даночни обврзници за поефикасно собирање на средствата од данок на имот и од комунални такси, а се продолжува и со дигитализација на општините. 

-Во моментов има 23 општини плус Градот Скопје кои својот систем го имаат поврзано со ЛоГес системот, а планот е во текот на наредната година кон системот да се вклучат уште 29 општини, а во 2026 година уште 28 општини. Доколку ја реализираме оваа динамика, за две години ќе имаме целосно дигитализирани општини во државата, рече министерот.

Актуелен во моментов е јавниот повик до општините за доделување средства за реализација на инфраструктурни проекти со пари од државниот буџет, на кој пристигнале 358 апликативни формулари од 80 општини и до крајот на неделава се очекуваат евалуациските извештаи од шест министерства. Тие ќе бидат разгледани на седница на Владата која ќе донесе одлука кои проекти ќе се финансираат со предвидените 100 милиони евра од државниот буџет наменети за оваа година.

Перински информираше и за „Сподели“ - платформа на која граѓаните можат да му се обратат со проблем, предлог, критика или идеја на мејлот spodeli@mls.gov.mk 

-Преку сите реализирани проекти во овие 100 дена, сакам да покажеме и верувам дека успеавме да ставиме крај на селективниот пристап, односно дека започнуваме нова ера на инклузивност кон сите граѓани и кон сите општини. И скопски Центар, и Чаир, и Куманово, и Гевгелија, но и Струмица и Дебар - за нас сите општини и граѓани се исти, подеднакво важни и се дел од нашата визија за пофункционални општини за подобар и поквалитетен живот за сите, истакна министерот Перински. хс/аа/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан