• среда, 27 ноември 2024

Паркот на Револуцијата во Прилеп ги обединува борбените и генерациите на иднината - 25 години споменик на културата

Паркот на Револуцијата во Прилеп ги обединува борбените и генерациите на иднината - 25 години споменик на културата

Прилеп, 11 октомври 2024 (МИА) - Паркот на Револуцијата во Прилеп пред 25 години е прогласен за споменик на културата и останува симбол на непокорот и на Прилеп, на револуционерните придобивки, но и на растежот на новите генерации како двигатели на напредокот. Историчарот во прилепскиот Завод и музеј и претседател на Сојузот на Борци, Рубинчо Белчески, вели дека оваа целина уредена на околу 6000 метри квадратни на извишвање на периферијата од Прилеп, длабоко ги вкоренила историјата и спојот на генерациите – оние борбенитеи денешните, современи кои ја градат иднината.

-Комплексот е составен од Могилата на непобедените со криптата на загинатите борци и спомениците- урни симболично поставени околу Криптата, со Алејата на народните херои каде се бистите на 10 народни херои од Прилеп, загинати во НОБ и Револуцијата како и спортско, рекреативниот и културен комплекс што ја заокружува целината. Иако Паркот е споменик на културата од 1989 годинба, Могилата на непобедените и Алејата на народните херои се подигнати уште во 1962 година, на 20-годишнината од почетокот на Народното востание, објаснува историчарот Белчески.

Изградбата на Могилата на непобедените заедно со осумте урни- симболички споменици имаат своја приказна која носи и симболика што се вклопува во историјата на градот.

-Уште во 1960-та година, тогашниот градоначалник на Прилеп Џоџа Николоски, го повикал тогаш познатиот неимар на културното наследство од НОБ, архитектот од белград Богдан Богдановиќ. Му било приложено да направи проект на Паркот на револуцијата. Во релативно краток период од една година започнале активностите и во 1961 година официјално Паркот на револуцијата е пуштен во употреба.

И не случајно е избрано извишувањето над Прилеп за да се подигне Комплексот. Од сите страни има поглед на околината и околните предели и планини.

-Могилата на непобедените е составена, пак, од два дела: тоа се осумте урни и криптата каде се моштите на загинатите борци. Во криптата во 1961 година, од Партизанските гробишта во Прилеп, се пренесени останките на партизаните, на борците. Урните се посебно скулпторско дело. Иако наизглед се различни, урните со криптата, на свој начин се поврзуваат. Урните се пред влезот во криптата и го претставуваат растежот на партизанското движење од помали во поголеми воени единици и како да ја чуваат Криптата. Во неа се впишани имињата на 462-ца загинати борци од Прилеп и Прилепско. Инаку, Прилеп дал 650 борци и дел се во спомен и спомен обележја низ Прилепскиот регион, вели историчарот Белчески.

Според Белчески, во Алејата на народните херои недостигаат сите херои кои ги дал Прилеп.

-Од 1961 година тука се бистите на 10-те прилепски херои кои загинале во НОБ и Револуцијата, но недостасуваат уште пет бисти на народни херои кои починале во мирнодопски услови, но со својата дејност се клучни за формирањето и напредокот на македонската држава. Сојузот на Борци од Прилеп пред неколку години го потегна прашањето за поставување на уште пет бисти на народните херои во Алејата. Иницијативата беше доставена и до локалната самоуправа и до Министерството за култура, објаснува Рубинчо Белчески кој е претседател на Сојузот.

Од прилепскиот Завод и музеј потврдуваат дека е почнат проектот за поставување уште на пет бисти на народните херои.

-Во моментов се изработува тој проект, ќе се достави основен проект до Министерството за култура и се надеваме дека со нивна поддршка во 2025 година ќе биде реализиран, вели директорката на Музејот, Мимоза Христоска.

Инаку, досега се направени конзерваторски зафати на урните во Могилата на непобедените. Се изврши пескарење, обелување на самите урни.

- Лани се обновија постаментите на урните и патеката во Криптата. Обележана е и патеката во Алејата на народните херои, а е санирана и патеката на влезот од Паркот на Револуцијата до Могилата на непобедените, рече Христоска.

Паркот на Револуцијата е место на обединување на генерациите. На оние-борбените и на сегашните генерации кои ги планираат сегашноста и иднината.

-Комплексот стана катче и за најмладите, и за постарите, повозрасните. Тука може да се направи почит и за загинатите борци, но и е за дружење, за љубов, за разговори, за забави. Паркот е место во кое секој може да најде свое место, заклучува историчарот и претседател на Сојузот на Борците од Прилеп, Рубинчо Белчески. ем/аа/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан