• сабота, 23 ноември 2024

Парада на гордоста по трет пат во Скопје

Парада на гордоста по трет пат во Скопје
Скопје, 25 јуни 2022 (МИА) – Под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“ денеска во Скопје по трет пат се одржува Парадата на гордоста. Непоимливо е во 21 век сè уште да сме сведоци на дискриминација само затоа што некој го живее животот според сопствена определба – сите ние сме луѓе и плаќаме еднакви даноци и имаме еднакви обврски, ред е да уживаме и еднакви прави во ова општество, порачаа учесниците на парадата попладнево од пред платото во паркот „Жена-борец“ во Скопје. - Тука сме за сите наши блиски и далечни, за сите наши познати и непознати, кои што биле избркани од дома затоа што се геј. Кои што биле избркани од работа затоа што се транс. И кои што биле физички и психички малтретирани затоа што не влегуваат во тесните рамки на она што некој го нарекува нормално, изјави Ева, водителката на програмата на Скопје Прајд 2022. Потребна е, нагласи таа, силна институционална заштита и брза реакција против секој облик на насилство, но и образовен систем што, како што рече, нема да не учи да се мразиме и срамиме од самите себе. На политичарите им порачаа дека сите плаќаат даноци, а не само стрејт, туку и геј, и би и транс луѓето и од пред Собранието побараа еднаквост пред законот. Тие, исто така, ги повикаа да го стават на дневен ред и Законот за матична евиденција со кој ќе се регулираат назнаките на транс-родовите лица, но и да се размислува за исти права за оние кои живеат во истополови бракови. Меѓу присутните кои дадоа поддршка на Скопје прајд 2022 беа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Вицепремиерот Маричиќ истакна дека неговото присуство на „Парадата на гордоста“ е чин на солидарност и максимална поддршка на борбата за човековите права и слободи на секој еден, на секоја една и дека денеска на ЛГБТИК+ Парадата, се маршираше против хомофобијата, секаква омраза, насилство и дискриминација. - Горди сме на слободата која ја живееме. Но, слободата ниту е конечна, ниту е доволна, особено ако сè уште постојат луѓе кои не се чувствуваат слободни. Да градиме општество еднакво за сите и да научиме да живееме со почит и толеранција, прифаќајќи ги различностите. Да се излезе за љубов и за еднаквост е достоинствено и праведно, објави вицепремиерот Маричиќ на неговиот Фејсбук профил. Министерката Тренчевска вели дека Министерството за труд и социјална политика, го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација со кој се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, со кој за прв пат како основ за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет. - Правото на избор секој да го живее сопствениот живот со изборот што го направил е неприкосновено право. Да се научиме да живееме и да практикуваме толерантност, почитување и прифаќање на различностите. Едно општество за сите, напиша на Фејсбук статус Тренчевска. На социјалните мрежи пораки за поддршка упатија претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Парадата на гордоста во Скопје се одржува во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, а ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк. аа/вг/

Остани поврзан