• понеделник, 23 декември 2024

Панел-дискусија по повод Неделата за медиумска писменост: Новинарството како професија неактуелно за младите, но и за обучените новинари

Панел-дискусија по повод Неделата за медиумска писменост: Новинарството како професија неактуелно за младите, но и за обучените новинари

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со Меѓународната фондација за изборен систем (ИФЕС), денеска по повод Неделата за медиумска писменост организраше панел-дискусија со фокус на зајакнување на новинарскиот интегритет, постизборни медиумски дејствија, како и значењето на академиите за обука за новинари и медиумски работници, каде свое учество имаа главната и одговорна уредничка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) Сашка Цветковска, главниот и одговорен уредник на „360 Степени“ Васко Попетревски, директорката на БИРН Ана Петрушева, како и новинарот Миомир Серафимовиќ.

Македонија на хартија можеби има фер избори, но тоа не значи дека има интегритет во изборите, посочи Цветковска во своето обраќање, нагласувајќи дека невозможно е да се зборува за интегритет на избори, без да преовладуваат квалитетните информации во етерот. За да можат граѓаните да одлучуваат за својот најдобар интерес, вели, тие морат да бидат изложени на квалитетни информации кои ќе им помогнат да расудуваат.

– Без квалитетните информации да претставуваат мнозинство од информациите кои што циркулираат, невозможно е да се зборува за некаков интегритет на избори, ниту пак дека тоа се некакви фер избори. Граѓаните за да можат да одлучуваат за својот најдобар интерес мора да бидат изложени на квалитетни информации кои ќе им помогнат да расудуваат. Ние тоа го немаме, видовме драматичен пад во стандардите на медиумите во изминатите 20 години. Очигледно е дека трендот продолжува. Можеме да ги тренираме сите новинари на планетава, на крајот тие кога ќе дојдат и ќе треба да го пренесат своето знаење или да влезат и да работат во медиумската индустрија, ќе работат во редакции кои што служат во главно да креираат информации во интерес на сопствениците на тие медиуми, овде особено сакам да ги истакнам традиционалните медиуми, рече Цветковска.

Од друга страна, додаде, маркетинг агенциите креираат информации наместо новинарите. Според Цветковска, најголем дел од информациите кои што се пренесуваат во медиумите се маркетинг текстови спакувани како информации. 

– Од друга страна имаме една нова индустрија, а тоа се маркетинг агенциите кои што веќе драматично навлегуваат во просторот каде што новинарите треба да креираат информации и тие креираат информации. Најголем дел од информациите кои што се пренесуваат во медиумите во ударните вести се маркетинг текстови спакувани како информации.  Имаме уште еден проблем, што немаме обучени, односно квалитетни кадри. Не би било фер кон младите да ги каниме да се обучуваат во оваа сфера. Најголем дел од луѓето кои што ние ги обучуваме си одат, а најстрашно од се е што не си одат само младите, туку и новинарите кои се помеѓу 30-40 години, кои се обучени и допрва треба да влезат и да водат. Наместо тоа, тие завршуваат незадоволни, без здравствено осигурување и без финансии, вели Цветковска.

Попетревски, пак, во своето обраќање го цитираше францускиот писател Албер Ками кој вели „интегритетот нема потреба од правила“ и нагласи дека доколку некому се потребни упатства „за да не лаже и да не се витка пред притисокот да работи во јавен интерес, тогаш подобро да не е во оваа професија“.

– На новинар со интегритет или со кичма навистина не му требаат правила и пишани упатства. Од една страна, правилата или вредностите се јасни и добро познати, всадени за секој што ќе посака да биде новинар. Од друга страна, ако ни требаат или ви требаат упатства да не лажете, да не се виткате пред првиот притисок да работите во јавен интерес, тогаш подобро да не сте во оваа професија. Сите ги слушаме изговорите „имам деца, треба да враќам кредит, немам алтернатива“, но може ли тие да бидат прифатливи изговори? Според мене, новинарството е професија во која не може да се биде без доза на идеализам, што пак не може секогаш да се поврзува со материјалното, рече Попетревски.

Директорката на БИРН Петрушева вели нужна е потребата од регулација на порталите како медиуми, бидејќи како што рече, без какви било критериуми и последици се крадат содржини од други редакции, замаглувајќи ја јасната слика кај јавноста за тоа од каде доаѓаат информациите. 

– Видовме една страшен раст со влезот на порталите без какви било критериуми и на тој начин вие имате некој што може да седи дома на лаптоп и без никакви последици да ги краде сите содржини од сите редакции кои што треба да платат уредници, новинари, придонеси, компјутери, кирии итн. и тие два медиума да имаат еднаков третман, иако едниот не е медиум. Целиот хаос на медиумската сцена доведе до тоа тие луѓе, односно блогери да можат да бидат на исто рамниште, и што е најтрагично кај јавноста да се замаглат линиите и да не се разбира веќе кој е кој и од каде доаѓаат информациите, рече Петрушева. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан