• понеделник, 23 декември 2024

Официјално отворен Саемот Енерго-Технома 2024

Официјално отворен Саемот Енерго-Технома 2024

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) – Вкупно 30 излагачи од земјава и од странство учествуваат на Саемот Енерго-Технома 2024 што по пауза од шест години се одржува во Скопје од денеска до 31 октомври. Во фокусот на саемот се енергетиката и технологијата.

-Настаните како Енерго-Технома се исклучително важни на патот кон обезбедување на енергетски одржлива и ефикасна држава, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на официјалното отворање на саемот.

Таа нагласи дека потенцијалот за обновлива енергија во нашата држава е огромен, а токму една на задачите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што посочи, е создавање услови кои поттикнуваат иновации и напредок во овој сектор.

-Иновативноста, инвестициите и посветеноста на секој од вас – нашите деловни лидери, посветени професионалци и стручни лица во индустријата, играат суштинска улога во процесот на енергетска транзиција. Затоа ве охрабрувам да продолжите да развивате решенија што ја намалуваат нашата зависност од  конвенционалните извори на енергија, ја зголемуваат ефикасноста и ја интегрираат обновливата енергија во нашиот секојдневен живот, им порача Божиновска на излагачите на саемот и додаде дека успешната енергетска транзиција кон зелена енергија е долгорочна цел за енергетската иднина на земјава.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека саемот е одлична можност за претставување на индустриското производство и најновите достигнувања во областа на технологијата кај нас и во регионот и посочи дека тука може да се најде се она што значи можност за прераснување на индустријата во еко-индустрија.

-Нашата определба за зелена трансформација бара зајакнување на ефикасната употреба на ресурсите со преминување во чиста циркуларна економија, враќање на биодиверзитетот и намалување на загадувањето, рече Меџити.

За да се обезбеди неутрално ниво во однос на климата до 2050 година, како што планира ЕУ, додаде, потребно е инвестирање во еколошко чисти и иновативни технологии, поддршка на индустријата за иновации, користење на почисти, поевтини и поздрави форми на приватен и јавен превоз, декарбонизирање на енергетскиот сектор, обезбедување енергетска ефикасност на објектите,...

-Реализацијата на овој процес мора да се потпира и да биде следена од стопанството, односно од компаниите. Затоа секогаш сме отворени за поддршка на иновативни решенија и користење на нјадобродостапни технологии со кои се остварува постигнување на подобри резултати со заштеда на ресурси и со максимална заштита на животната средина, рече Меџити и порача дека на индустријата гледаат како партнер кој брзо ќе се прилагодува на современите политики и светски трендови за зелена трансформација. вј/нд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан