• среда, 25 декември 2024

Отворени саеми за органски производи и за за земјоделство, технологии, храна и преработки во Куманово

Отворени саеми за органски производи и за за земјоделство, технологии, храна и преработки во Куманово

Куманово, 29 септември 2023 (МИА) - На денешниот шести по ред меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ 2023 и вториот меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „Агро мак“ 2023 што се одржаа во Куманово, производителите од државата и регионот бараат максимална поддршка од надлежните за развој на органското производство.

Бројни излагачи ги презентираа производите на отворено пред комплексот базени во Куманово, а најмногу имаше производители на мед, чаеви, јаткасти производи, домашна традиционална храна, разни видови семиња. Производителите велат дека овие производи се квалитетни и се влог за здрав живот.

Претседателката на здружението „Живот“, Благица Гавриловска Цветковиќ рече дека последниве години индивидуалните земјоделци почнуваат да се вмрежуваат и постигнуваат поголеми успеси.

-Најголем процент се излагачи од државата како и претходните имаме и од Србија, Црна Гора, Унгарија, Бугарија, Турција, Албанија Грција … Добро е што има од различни држави, така што можат да си разменат искуства, да споделат добри практики, изјави Цветковиќ.

Производител Љупчо Стојчевски од Габреш, вели дека треба да има почесто да се има саеми кои промовираат здрави производи.

-Важно е да се поврземе со природата, додаде Стојчевски.

Поголем дел од изложувачите сметаат дека органското производство има иднина, дел веќе извезуваат, некои на почеток од производството се едуцираат, други бараат откупни центри, трети поголема поддршка. Согласни се дека мора да се консумира органска храна, хемијата кога тогаш ќе го земе својот данок.

-Треба повеќе да се работи и преку промоции да се промовира органското производство. Само здружено може да се извезе и надвор од земјава, органското производство е на цена, рече Кире Антевски кои нуди органски производи.

-Задоволни смеод  одзивот. Помогнаа и амбасадите кои ги повикаа нивните производители. Комуникацијата меѓу учесниците е одлична. Имаме и панели, дискусии тоа е особено важно за малите производители, вели Драган Цветковиќ од Комората на органски производители.

Покрај операторите со храна, на саемот учествуваа и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство и механизација.

Саемите имаат уникатна програма која вклучува повеќе содржински компоненти покрај изложбен, на кој учествуваат производители, откупувачи и преработувачи на храна, пијалаци и земјоделски производи, производители но и трговци со амбалажа, алати, опрема, машини и механизација, како и производители и трговци на семе и саден материјал, хортикултура и приходи во земјоделско производство.

Од Здружението за развој на земјоделство и заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет „ЖИВОТ“ и Комората на Органски Производители – КОП од Куманово, кои се поддржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и општина Куманово, за организацијата на саемите, најавија дека вториот е промотивен дел за претставување на општини, стопански комори, кластери, асоцијации, федерации, задруги, здруженија, владини и невладини организации и агенции, но и Здруженијата на заедниците на националностите во РСМ и здруженијата и организациите кои ги негуваат традицијата, занаетите и фолклорот ќе приредат традиционални трпези на кои ќе презентираат традиционална храна, фолклор и култура.

Трета компонента е едукација, четвртата средби и презентации на компании, додека петата компонента е ревијална изложба на украсни, пердувести животни и домашни миленици. За време на саемот предвиден е и стручен натпревар на ученици од средни земјоделски училишта од државава, како и од Србија и Црна Гора. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан