• сабота, 23 ноември 2024

Осум планинари почнаа обука за добивање лиценци за водичи во планина во зимски услови

Осум планинари почнаа обука за добивање лиценци за водичи во планина во зимски услови

Тетово, 16 март 2024 (МИА) - Осум планинари од целата држава викендов на Шар Планина ја почнаа првата фаза од обуката со цел да се стекнат со лиценци за планинарски водичи во зимски услови. Обуката ја спроведува Комисијата за планинарски водичи при Федерацијата за планинарство во планинарскиот дом и на падините на врвот Љуботен на Шар Планина.

-Станува збор за осум водичи кои се лиценцирани за летни услови, а сега се на обука за зимски услови. Од 14 до 17 март имаат теоретски предавања и практички вежби за техники за планинарење во зимски услови. Дел од напредната обука за справување со зимските услови подразбира спиење во снежни засолништа што самите ги изградиле. Се вежбаат техники движење во навртка, спречување на падови со цепин, движења со цепин и дерези, информира Александар Стојановски, претседател на Комисијата за планинарски водичи.

Потоа за осумте кандидати следува испит по што почнува приправнички статус.

-Во тој период треба да организираат и изработат приправнички планинарски акции под надзор на ментор. По успешно завршување на процесот ќе се здобијат со лиценца за планинарски водичи за зимски услови. Обуките на Комисијата се сертифицирани од Светската планинарска и алпинистичка асоцијација УИАА и тоа за нас е голема гордост, и сме ретки во регионов што имаат таква сертификација, посочува Стојановски.

Федерацијата досега има евидентирано 147 регистрирани планинарски водичи за летни услови и 23 за зимски услови. Над 30 отсто од планинарски водичи се жени. ас/вг/

Фото: ФПСМ 

Остани поврзан