• среда, 25 декември 2024

Остин: Ќе го превртиме секој камен да го откриеме изворот за протекувањето на податоците

Остин: Ќе го превртиме секој камен да го откриеме изворот за протекувањето на податоците

Вашингтон, 12 април 2023 (МИА)  - Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, најави дека САД ќе продолжат да го истражуваат неодамнешното протекување доверливи документи додека не се утврди неговиот извор.

Британски Ројтерес наведе дека видел повеќе од 50 документи означени како „Тајна“ и „Строга тајна“, што првпат се појавија на социјалните мрежи во март, и кои наводно откриваат детали за воените способности на некои сојузници и противници на САД, но дека агенцијата не можела независно ја провери нивната автентичност.

-Ќе продолжиме да истражуваме и ќе го превртиме секој камен додека не го утврдиме изворот и степенот на сето ова, рече Остин синоќа на прес-конференција во Стејт департментот.

Остин е првиот висок американски функционер кој го коментираше истекувањето на податоците и притоа кажа дека Пентагон бил запознаен со документите објавени на 28 февруари и 1 март, но не е сигурен дали имало други документи претходно објавени на интернет.

-Тоа се работи што ќе ги дознаеме во текот на истрагата, додаде американскиот секретар за одбрана.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс изјави дека американската Влада многу сериозно го сфаќа протекувањето на документите и дека „Пентагон и Министерството за правда покренаа интензивни истраги за да утврдат што се случило“.

-Мораме да извлечеме поуки од тоа и начините на кои можеме да ги заостриме процедурите, рече Барнс.

Објавените документи, меѓудругото, вклучуваат детални проценки на способностите и слабостите на украинските и руските сили на бојното поле, а истражителите се обидуваат да утврдат која личност или група можеби имала способност и мотивација да ги објави разузнавачките извештаи.

Протекувањето може да биде најштетното објавување на доверливи информации на американската влада од 2013 година, кога беа објавени илјадници документи на веб-страницата на Викиликс, наведуваат британските медиуми. сд/

Остани поврзан