• сабота, 23 ноември 2024

Османи од Софија: Со Захариева разговаравме за секторска соработка и одржување на состанокот на меѓувладината комисија

Османи од Софија: Со Захариева разговаравме за секторска соработка и одржување на состанокот на меѓувладината комисија
Скопје, 24 февруари 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот фејсбук-профил објави дека попладнево во Софија, се сретнал со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, со која разговарал за секторската соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија. - На враќање од посетата на Париз, застанав во Софија и се сретнав со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, со која разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка, наведува Османи во објавата на Фејсбук. Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата Османи - Захариева биле разгледани актуелностите поврзани со кризата од Ковид-19 и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизивици. - Во оваа прилика Захариева потврди дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за Република Северна Македонија, се наведува во соопштението. МНР информира дека во продолжение на средбата било разговарано за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева. - Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка и приликата ја искористија и за размена на мислења и за други теми од заеднички интерес за двете страни, се додава во соопштението. Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, веднаш по пристигнувањето во бугарскиот главен град, Османи се упатил на средба со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во владината резиденција во Бојана. Владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција информира дека се очекува централна точка на разговорите меѓу Османи и Захариева да биде Акцискиот план и дека повеќе информации за договреното ќе има по враќањето на министерот од Софија. - Инаку, знаете дека од претходно, усогласеноста на двата документа коишто ги доставија двете страни е во финална фаза, така што се очекува попрецизно по оваа средба околу идните чекори, рече Арсовски. сп/

Остани поврзан