• среда, 27 ноември 2024

Османи: Никогаш не сме кажале дека Фрчкоски е кандидат за амбасадор

Османи: Никогаш не сме кажале дека Фрчкоски е кандидат за амбасадор
Скопје, 5 март 2021 (МИА) - Министерството за надворешни работи во ниту еден момент не кажа дека Љубомир Фрчкоски е кандидат за амбасадор, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи во синоќешното гостување на ТВ21. - Во ниту еден момент ние не сме кажале дека е кандидат или дека е отфрлен или прифатен, затоа што процедурите на кандидатури на амбасадор, односно амбасадори, се до потврдување на агреманот се во дискреција и се класифицирани податоци, истакна Османи. Тој потенцира дека информациите оти Фрчкоски е кандидат за амбасадорска функција биле изнесени во медиумите, додавајќи дека одредена кандидатура за назначување на амбасадор не треба да се земе како официјална вест без потврда од Министерството за надворешни работи. Во однос на Акцискиот план со Бугарија, Османи изјави дека во втората фаза од разговорите ќе се оди со порационален пристап, затоа што во првата фаза разговорите биле со многу емоции, што, според него, не е добар пристап. - Акцискиот пламн се однесува на секторската соработка. Тоа значи соработка меѓу министерствата, соработка меѓу министерството за образование, инфраструктура. Зошто овој пристап? Затоа што во овој дел немаме разлики. И ние сакаме побрзо да биде готов Коридорот 8, и тие сакаат. И тие сакаат соработка со здравството, и ние сакаме. Оваа секторска соработка беше жртва во однос на некои прашања, како што се историските. Затоа решивме во Влада да почнеме на некои прашања за кои немаме разлики и плус ќе ни создаде една доверба, и потоа на изградена доверба многу полесно ќе ги решаваме и другите прашања кои имаат многу емоции, изјави Османи. Според него, прашањата не треба се решаваат со емоции и мора да се менува пристапот, бидејќи само со менување на перспективата на пристапот тие стануваат полесни за решавање. Тој потенцира дека решение на несогласувањата е Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. - Не можеме да ја смениме географијата, ќе мора да живееме заедно, ќе имаме разлики во мислења, но не смееме да имаме разлики по прашањето за иднината. А таа е ЕУ, НАТО, додаде Османи. сп/ац/

Остани поврзан