• среда, 27 ноември 2024

Османи: Не може да има разговор за идентитетските атрибути

Османи: Не може да има разговор за идентитетските атрибути
Скопје, 18 септември 2020 (МИА) - Имаме точно зацртана цел и стратегија што сакаме да постигнеме и по која цена сакаме тоа да го постигнеме. Целта ни е постигнување консензус по однос на текстот на преговарачката рамка и најдоцна до декември годинава да се одржи првата Меѓувладина конференција, а црвената линија ни е дека не може да има разговор за идентитетските атрибути, но мора да има продолжување на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, порача вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи. -Одлуката за започнување преговори веќе е донесена со консензус на сите 27 земји-членки на 25 март 2020 година и Меѓувладината конференција претставува само операционализација на веќе донесена одлука и веќе постигнат консензус. Ние сме подготвени за овој процес од поодамна и имаме јасна визија што треба да правиме, но не смееме работите да ги придвижиме со емоции. Не мислам дека инциденти во комуникаијата како што е бугарскиот објаснувачки меморандум до земјите-членки треба да ја урнат Спогодбата за добрососедство и пријателство која е одржлива рамка што ја дава правната основа за комуникација меѓу двете држави и мора да ја негуваме и почитуваме. Овие писма ќе ги третирам како излегување од  тоа што го предвидува Спогодбата, но тоа не значи дека поради тоа отстапување треба да го рушиме договорот, рече Османи во интервју за ТВ Телма. Тој истакна дека прашањата кои се третираат во меморандумот се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување и самоизјаснување и не се предмет на каков било билатерален или мултилателарен спор и додаде дека не можат да бидат предмет ни сега. Постои Комисија чија цел е да го оттргне процесот од влијанието на политиката и да се обиде да најде начини како да се зближат двете држави преку расветлување на одредени различни толкувања во историските настани. Потенцира дека комисијата треба да продложи да работи со голем интензитет и да се најде решение. -Преку комуникација на високо ниво и динамизирање на работата на Комисијата, како и преку комуникација со нашите пријатели кои имаат разбирање за нашите ставови кон оваа прашање ќе се обидеме да ја вратиме Софија на рамката. Ние добивме во март одлука за почеток на преговори и покрај одлуката на бугарското Собрание. Доколку не ги гледавме нашите стратешки цели преку одржување на позитивна комуникација со нашиот нов пријател Бугарија и другите земји-членки и се водевме по емоции со коментирање на ваквите испади немаше да ја добиеме одлуката на 25 март 2020 година, посочи Османи. Ако ги коментираме бројните документи кои се дел од коресподенцијата меѓу земјите-членки на дневна основа, укажа, ќе го изгубиме патот. -Нашиот пат е јасен и од него нема да не оттргнат вакви испади, напади и навреди. Ние имаме интерес да развиеме добри односи со Република Бугарија, а Договорот за добрососедство е одлична основа за тоа и мора да ги почитуваме сите негови одредби. Недостатокот на комуникација во време на пандемија и предизборие создаде гап кој сега треба да се воспостави повторно на ниво на експерти и комисии и убеден сум дека на крај ќе преовладее разумот и рационалноста - дека стратешки интерес не само на Бугарија, туку и на ЕУ е овој процес да продолжи. Констатација е дека ставот на најголем број од земјите-членки е јасен дека овие прашања не може да се решат низ преговарачка рамка, туку низ договори и убеден сум дека тоа ќе го постигнеме и со Република Бугарија преку разговори и продолжување на имплементација на обврските од Договорот од двете страни и преку помош од нашите стратешки пријатели кои беа дел и гарант на билатералниот договор со Бугарија, потенцира Османи. Сметаме, додаде, дека предлогот на ЕК и на Претседателството на Унијата се прифатливи формулации или решенија за текстот иако како земја-кандидат  не учествуваме во пишувањето и утврдувањето на текстот, но ставот на ЕУ да не ја претвори преговарачката рамка во платформа за решавање на билатерални прашања е на линија со нашите ставови и ние тоа ќе го поддржиме. -Прашањето за декларации и пленарни седници во моменти кога интензивно комуницираме со земјите-членки и кога интензитивно се обидуваме да ја држиме дебатата во рамки на инструменти како што ги предвидува Договорот за добрососедство нема да биде додадена вредност и нема да помогне во процесот. Треба да имаме доверба во институциите. Како што успеавме досега да стигнеме до одлука за отпочнување на преговори дека ќе стигнеме и до првата Меѓувладина конференција. Очекувам сите чинители во општеството да помогнат во овој процес, рече Османи. Нагласи дека Самитот во Софија на 10 ноември треба да биде круна на успехот во Брисел и да се слави кулминацијата на односите меѓу двете држави како копретседавачи на Берлинскиот процес, но и на комплетирање на ЕУ со земјите од Западен Балкан. вј/лв/  

Остани поврзан