• сабота, 23 ноември 2024

Османи: ДКСК и ОЈО ГОКК ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура за приспособувањето на СРЦ „Борис Трајковски“

Османи: ДКСК и ОЈО ГОКК ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура за приспособувањето на СРЦ „Борис Трајковски“

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал излезе со конечен став за реконструкција на салата „Борис Трајковски” за целите на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кој гласи дека „процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција“, вели министерот за надворешни работи во оставка Бујар Османи.

Овој процес, посочува Османи во објава на Фејсбук, за жал нѐ обремени со многу обвинувања, поттикнувајќи нѐ да ја бараме правдата и вистината.

- Изборот на компанијата за приспособување на спортскиот центар, иако критикуван и обележан со обвинувања за фаворизирање, на мое барање беше темелно испитан од нашите правни институции - Јавното обвинителство и ДКСК. Заклучокот стигна од двете институции и тој е јасен и недвосмислен: процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција. Во текот на овој период, се соочив со бура од негативни реакции и неосновани обвинувања. Не само што мојот интегритет беше ставен под сомнение, туку овој настан фрли сенка врз меѓународниот имиџ на нашата земја, нагласува Османи на Фејсбук.

Сепак, посочува Османи, избрав транспарентност пред молк, одговорност пред одбрана.

- Доброволно ги предадов сите релевантни документи на Обвинителството и Комисијата за антикорупција, уверен во интегритетот на Комисијата при МНР, како и во мојот сопствен. Денес, откако двете институции ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура, се чувстувам повикан тоа да го објавам. Патот до овој момент беше исполнет со непотребен стрес и неосновано сомневање, но тој пат заврши. Непрекинатите напади што ги трпев не беа само против мене, туку беа напади врз вредностите на државата и принципите на нашата демократија, вели Османи.

Османи, нагласува дека ова го споделува не за да бара сочувство, туку за, како што вели, да ја потврди силата на нашите институции и отпорноста на вистината. - Им благодарам на сите кои стоеја покрај мене, вашата верба и поддршка беа важни низ овој процес. На оние кои се сомневаа, не ги држам за зло, бидејќи скептицизмот е витален елемент на здравата демократија…, порачува Османи.

Претходно денеска, ДКСК на 99 седница донесе одлука да го затвори предметот за реконструкцијата на СЦ „Борис Трајковски“’, но повика да се донесе нов закон за финансирање политички партии. ДКСК, како што кажано, ќе достави укажување до Министерството за финансии за потребата од донесување нов закон за финансирање на политички партии, поради утврдени наоди во тек на предметот за спроведената јавна набавка од Министерството за надворешни работи поврзана со реконструкција на СЦ „Борис Трајковски“ за потребите за одржување на Самитот на ОБСЕ во ноември лани. 

Антикорупциската комисија ги анализираше наводите во јавноста поврзани со постоење клиентелистички односи помеѓу политички претставници или службени лица во одделни институции со фирмата „Еуровиа“ декларирана како донатор на политичката партија ДУИ. Од таа причина, како што рекоа, постоеја сомнежи дека во текот на постапката во МНР направени се злоупотреби од страна на службени лица со цел оваа фирма да го добие тендерот.

Според анализата на ДКСК, тендерската документација, условите кој се може да учествува како понудувач, не упатува дека постои тенденција за фаворизирање одредена фирма или дека условите се креирани за одреден економски оператор. За ова, како што рекоа, говори и фактот што четири економски оператoри доставиле понуда, но и откако Државната комисија за жалби по јавни набавки одлучувала, ги оцениле доставените понуди и како најповолна останала понудата на „Еуровиа“. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан